Средба на министерот Попоски со помошник генералниот секретар на ОН, Султаноглу

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со Џихан Султаноглу, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации и директор на регионалната канцеларија на УНДП за Европа и Зедницата на независни држави.

На средбата, како што информира МНР, е изразено взаемно задоволство од одличната соработка меѓу Министерството за надворешни работи и претставниците на ОН во земјата. Разменети се мислења и за тековните активности од соработката со УНДП и подготовката на новата Рамка за развојна соработка „Партнерство за одржлив развој-Стратегија на ОН за 2016-2020“.

Султаноглу оддала признание за партнерството меѓу македонската Влада и УНДП за прашањата за вработување и јакнење на социјалната кохезија. Таа нагласила дека ова било посочено како успешен пример и во нејзиното обраќање на дводневната регионална конференција за вработување и социјална инклузија во ЈИЕ и Турција.

Соговорниците се согласиле дека има и други успешни примери од заедничката соработка и оти начините како Република Македонија ги решава развојните прашања може да бидат споделени преку мрежата на УНДП.