Раководството на СДСМ денеска имаше средба со висока делегација амбасадори на ОБСЕ.
Сето она што мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го наведе во последниот Извештај за изборите во Република Македонија, за нарушените слободи и права на граѓаните, узурпацијата на правосудниот систем на државата, партизираноста на институциите и загрозената слобода на медиумите се потврди со доказите и аргументите што ги обелодени СДСМ, согласни беа двете страни.
Претседателот Зоран Заев на средбата истакна дека СДСМ го води овој процес преку ширење на Вистината за Македонија до граѓаните на Република Македонија. Прислушувањето на над 20 илјади граѓани од страна на Никола Груевски и неколкумина негови соработници е удар врз уставниот поредок на Република Македонија.
Заев истакна дека за СДСМ решението на политичката криза е преодна влада преку којашто ќе се организираат фер и демократски избори.
СДСМ е цврсто решена да ги врати слободата и демократијата во Република Македонија. Членството во Европската унија и НАТО се единствената алтернатива за државата, нагласи претседателот Заев.