МНТ награден со бурен аплауз и овации во Будимпешта

Со бурен аплауз и со овации беа наградени актерите на Македонскиот народен театар, кои синоќа во Националниот театар во Будимпешта, со претставата „Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш и режија на Дејан Пројковски, настапија во рамките на второто издание на реномираниот театарски фестивал „Митем“. Изведбата на претставата „Вечната куќа“, која е едно од најкомплексните дела во македонската драматургија, предизвика огромен интерес кај многубројната публика, присутните актери и гости, меѓу кои беше и министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска, како и претставници на дипломатскиот кор во оваа земја.

На театарскиот фестивалот, кој од 10 до 26 април се одржува во организација на Националниот театар од Будимпешта, освен Македонскиот народен театар, како единствен учесник од Балканот, учествуваат уште 20 реномирани театарски куќи од 13 држави од Европа.

Во текот на вчерашниот ден, во рамките на еднодневната посета на Унгарија, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Будимпешта оствари билатерална средба со својот унгарски колега Петер Хопел.

На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, министерката за култура изрази благодарност за поддршката од Унгарија во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија.

Двајцата соговорници контастираа дека Република Македонија и Република Унгарија негуваат одлични релации во областа на културата кои резултираа со низа активности и проекти кои го потврдија континуитетот на искреното пријателство и довербата што се негуваат меѓу нашите две земји. Во тој контекст, позитивно беше оценета досегашната реализација на проектите согласно потпишаната Програма за културна соработка за периодот 2014-2016 година.

На средбата беа разменети мислења и предложени конкретни активности за реализација на проекти за поддршка на превод на дела од реномирани македонски и унгарски автори во двете земји, отворање на македонско литературно катче во Будимпешта, реализација на изложби, како и размена на конкретни проекти и стручни лица од областа на археологијата и заштитата на културното наследство.

Соговорниците се согласија дека гостувањето на ансамблот на Македонскиот народен театар на фестивалот „Митем“ во Будимпешта е од особено значење за идната соработка во областа на театарската дејност, која ќе биде потврдена и со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете институции во јуни годинава за време на гостувањето на Националниот театар од Будимпешта во Скопје.

На средбата, Канческа-Милевска го запозна Хопел со капиталните инвестиции од областа на културата во Република Македонија при што беа разменети размислувања поврзани со проектите од оваа област во Унгарија. На крајот министерката за култура упати покана до својот унгарски колега да ја посети Македонија.