Презентирани резултатите од Конкурсот за откуп на драмски текстови

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција, на која ги презентираше резултатите од Конкурсот за откуп на драмски текстови, кој Министерството го објави на 30 септември минатата година, рече дека на Конкурсот пристигнале 51 драмски текст од реномирани македонски автори, но и од млади писатели кои се дебитанти или се сѐ уште недоволно афирмирани на македонската театарска сцена. На изборот на текстовите работеше Комисија за откуп на драмски текстови во состав: Јордан Плевнеш (претседател) и Петар Темелковски, Синиша Евтимов и Илбер Муртези (членови).

Министерката Канческа-Милевска посочи дека најновиот Конкурс за откуп на драмсккои текстови, како и претходно објавените конкурси предвидени во Стратегијата за развој на културата во Република Македонија за периодот 2013-2017, ги спровеле во насока на збогатување на националниот фонд на дела, поттикнување на домашното творештво и афирмација на улогата на авторот.

„На Конкурсот беа понудени и други мошне квалитетни дела со сериозен творечки потенцијал и токму во таа насока, Министерството ја разгледува можноста на вториот Конкурс за откуп на драмски текстови, кој е предвидено да се објави во септември годинава, да го зголемиме бројот на откупени драмски текстови со што верувам дека дополнително ќе ги стимулираме младите автори“ – рече Канческа-Милевскa.

Таа нагласи дека избраните текстови на овој конкурс, кои ќе бидат промовирани во јуни годинава на 50. јубилејно издание на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе се публикуваат во печатено издание преку кое ќе станат достапни до сите заинтересирани театарски установи, продуценти, режисери и уметници кои понатаму би ги поставиле делата. Исто така, министерката изрази задоволство од спроведувањето на големиот број стимулативни мерки, меѓу кои, покрај откупот на драмски текстови, се и откупот на уметнички дела, откупот на музички композиции од областа на класичната музика, како и конкурсот за поддршка на преводи на дела на македонски автори од страна на странските издавачи. На прес-конференцијата претседателот на Комисијата за откуп на драмски текстови, Плевнеш, рече дека имале можност да констатираат вистинска македонска драмска револуција бидејќи, како што рече, во тие 51 дело откриле нови хоризонти, нова реторика, нови зборови.

„Културата доживува еден вид ренесанса во овој период. Театарот дава прекрасен придонес. Ќе го изразам моето воодушевување од сите тие драми, но само три моравме да откупиме. Импресивно е што мултинационалноста на конкурсот во смисла јазичка и етничка се оствари бидејќи имавме текстови на повеќе јазици – на албански, турски и на ромски јазик. Тоа го одразува и тој вид европски модел што веќе функционира во Македонија со години“ – посочи Плевнеш. Во таа смисла, истакна Плевнеш, авторите Љупчо Јованов и Весна Куслеска се големо освежување во македонскиот драмски израз.

„На Советот на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ му предложивме да се формира едно депо во кое ќе бидат откриени сите текстови од годинашниот конкурс за да можат театрите и сите што сакаат да се информираат на таа посебна интернет-страница на Фестивалот, да ги откријат тие текстови и да го споделат ова воодушевување што го имавме сите ние“ – додаде Плевнеш.

Темелковски посочи дека драмското творештво во Македонија добива голем подем од година во година. Муртези истакна дека избраните драмски текстови се приоритет да се работат во национални установи кога се работи за театар. Според него, тоа не значи дека и другите текстови, кои биле многу добри, да не се работат во националните установи. Евтимов изрази надеж дека Министерството за култура ќе продолжи со овој тренд на конкурси и ќе им даде шанса на сите што се обидуваат да се постават на македонското театарско небо.

otkup_na_dela_1