СДСМ: Груевски се обидел да ја убие вистината за Мартин Нешковски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција, истакна:

„Преземавме обврската пред Вас, граѓаните на Република Македонија, да ја објавиме целата вистина за криминално владеење на Никола Груевски.

Искрено, внимателно и чесно го започнавме проектот којшто ја донесе вистината во Македонија. Не заради грдото лице на нелегитимната власт туку за иднината на Република Македонија, ова зло никогаш да не се повтори.

Јавноста дозна дека за Никола Груевски и неговите соработници нема ништо свето, нема ништо поважно, нема ништо позначајно од тоа по секоја цена да бидат на власт, којашто како крлежи, на нелегитимен начин ја имаат зграпчено.

Денеска јавноста ќе чуе уште една болна вистина, дека дури ни загубен човечки живот нема никакво значење за оваа нелегитимна власт којашто по секоја цена сака да избега од одговорноста.

Денеска, граѓаните ќе слушнат кој и зошто сакаше да ја убие вистината за згаснувањето на еден млад живот, животот на Мартин Нешковски.

Вистината е тешка, боли и пече. Но вистината е една и единствена и граѓаните мора да ја дознаат во целост.

За еден месец навршуваат четири години откако 21 годишниот Мартин Нешковски беше убиен од страна на полициски службеник, додека ВМРО-ДПМНЕ славеше на плоштадот во центарот на Скопје.

Смртта на младото момче, освен огромна тага и болка во неговото семејство, револт за полициската бруталност и заташкувањето на случајот отвори прашања коишто до денеска не се затворени.

Зошто МВР со денови молчеше и го прикриваше убиството?

Зошто одговорноста за убиството се сведе индивидуално, само на еден човек?

Зошто никој не понесе командна или политичка одговорност за згаснувањето на млад човечки живот?

Денеска јавноста ќе дознае се.

Од аудио доказите што ќе ги објавиме ќе се слушне признание од Сашо Мијалков дека убиството на Мартин Нешковски го извршил полицаецот Игор Спасов додека бил на должност, а не физичкото лице И.С. Ќе се дознае дека за да избегне политичка и друга одговорност власта на Никола Груевски смислила и спровела план, зад превезот на барањето за индивидуална кривична одговорност на сторителот, да се прикрие инволвираноста и одговорноста во МВР. Затоа што се работи за полицаец кој делувал за време на службена должност.

Јавноста ќе ја слушне вистината за тоа каква е улогата на Никола Груевски во овој случај.

Почнуваме со сет од четири разговори.

Првите три разговори се само еден ден по настанот. Јавноста ќе слушне како за помошникот на Јанкулоска, Иво Котевски, новинарите што прашуваат за убиството на Нешковски се, какошто потценувачки ги нарекува „таленти“ и „идиоти“, дека за него целиот случај е „пуштен муабет“ кој „нема врска“. Јанкулоска и Котевски заклучуваат дека не треба да се одговара за овој случај еден ден по изборите, иако станува збор за убиство. „Денес е победнички“ вели Јанкулоска.

Ќе слушнете како првичните изјави на МВР за настанот немаат никаква врска со реалноста, со тоа што навистина се случило.

Јавноста ќе слушне како се барал начин медиумите блиски до власта да не објавуваат информации за убиството.

Да ги слушнеме овие четири разговори.

Следува малку подолг сет од вкупно 9 разговори.

Во првиот разговор од овој сет, лично од устата на Сашо Мијалков јавноста ќе слушне потврда дека полицаецот Игор Спасов, припадник на Единицата за специјални задачи, бил на должност кога го извршил убиството. Како што вели Мијалков, по наредба за обезбедување како припадник на единицата.

За Јанкуловска најважно било власта да си го тера, како што вели „она од вчера“. Мислејќи на режираното апсење на Љубе Бошковски.

Од разговорите коишто следуваат јавноста ќе слушнете уште една потврда дека прикривањето на вистината за убиството на Нешковски доаѓа од структури во МВР и обезбедувањето на Никола Груевски. Дејан Митровски Урко, обезбедување на Груевски, и признал на Јанкулоска дека два дена се прикривало убиството, за како што потврдува самата Јанкулоска, „да видат што да прават“.

За ова признание на Урко, Јанкуловска го известува Мартин Протугер, шеф на кабинет на Никола Груевски. Замислете, Протугер и Јанкулоска не биле загрижени ниту за прикривањето, ниту за загубениот живот, единствено им сметало тоа што темата била актуелна во медиумите.

Јавноста ќе дознае, директно од устата на Гордана Јанкуловска, дека Министерството за внатрешни работи тврдело дека наводно има признание од полицаецот Игор Спасов дека го извршил делото иако немало ниту службена белешка за тоа.

Дека дури и самата Јанкулоска се сомневала кој е вистинскиот извршител на делото.

Еден од разговорите, помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протугер, ќе открие и нов скандал. Јавноста ќе дознае дека во Министерството за внатрешни работи постои паралелна безбедносна структура раководена од обезбедувањето на Груевски.

По којзнае кој пат јавноста ќе го чуе лицемерието, дволичноста, неискреноста на најблиските соработници на Никола Груевски. Од една страна гласно говорат дека не може да се сокрие убиство, дека тоа не е човечко а од друга страна кројат и спроведуваат план за целата вистината никогаш да не се дознае.

„Фактичката состојба е дека бил на должност„. Ова се зборови на Гордана Јанкулоска, од позиција министер за внатрешни работи.

Власта на Груевски правела сè со единствена цел: прикривање на вистината за никој друг да не понесе одговорност. Се штител партискиот интерес, луѓето од обезбедувањето на Груевски, чиновници во МВР, се штитела Јанкуловска и најважно за нив, се штител Никола Груевски.

Слушнете ги овие разговори

Последниот разговор за денес разобличува сè.

Јавноста ќе дознае дека не само Гордана Јанкулоска, не само Мартин Протугер, Сашо Мијалков, Иво Котевски, туку и лично Никола Груевски знаел за убиството на Мартин Нешковски. Никола Груевски знаел кој го извршил убиството и кој го криел. Никола Груевски знаел дека структури од МВР и неговото обезбедување ја замајувале целата постапка, креирале информации и правеле неточни полициски записници за да не се дознае целосната вистината.

Никола Груевски, наместо како секој нормален човек со барем малку човечност во себе, да побара целосно расчистување на случајот, објавување на вистината и одговорност за сите инволвирани во криењето на настанот, се впуштил во заштита на неговите соработници за да си ја спаси сопствената кожа.

Никола Груевски ги излажа граѓаните, родителите, сите оние млади луѓе кои протестираа против полициската бруталност. За да си ја спаси сопствената кожа Никола Груевски е спремен на се.
Да почитувани граѓани. Никола Груевски се обидел да ја убие вистината за Мартин Нешковски!
Од последниот разговор за денеска јавноста ќе слушне како Никола Груевски диктира завршница на целиот случај: неговото обезбедување да нема никаква врска, полицаецот Игор Спасов да се прогласи дека не бил службено присутен на настанот туку приватно, да се наведе дека Спасов приватно дејствувал а не како службено лице.

Никола Груевски како самиот да ја напишал и пресудата за полицаецот Игор Спасов.

Слушнете го последниот разговор за денес

Тоа е болната вистината за убиството на Мартин Нешковски.

Ете зошто МВР го криеше настанот. Ете зошто сета одговорност е сведена само на индивидуална, кривична одговорност. Ете зошто никој не понесе политичка одговорност.

Аудио доказите потврдуваат дека полицијата, преку полицаец за време на вршење на службена должност, е одговорна за убиството на Мартин Нешковски а не лицето Игор Спасов, наводно присутен на настанот приватно, како симпатизер.

Во право беа и родителите, и граѓаните, и сите оние млади луѓе коишто протестираа против полициската бруталност.

Одговорност мора да понесе првиот човек во МВР, Гордана Јанкулоска и сите вмешани во прикривањето на убиството како и оние кои знаеле за тоа а молчеле. Одговорност мора да понесе обезбедувањето на Груевски и лично Никола Груевски.

Дозволете да упатам и една порака до припадниците на полицијата и Министерството за внатрешни работи.

Не дозволувајте и Вие да бидете жртвени јагниња за Никола Груевски.

Не дозволувајте Никола Груевски да ја жртвува Република Македонија!

Ве повикувам заедно да се избориме за Македонија во која оние што се огрешиле ќе одговараат пред законот без разлика како се викаат и каде припаѓаат.

Ве повикувам заедно да се избориме за слобода и демократија!

Почитувани граѓани,

Ова зло да не дозволиме некогаш да се повтори.

Продолжуваме...“- истакна Заев.

bomba29slika2 (1)