Извршниот одбор на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), искажувајќи сериозна загриженост за длабоката државно-политичка и институционална криза во Република Македонија, раководејќи се од принципите на демократија, одговорност, граѓанско единство, мултиетничка солидарност и заложби за сеопшт просперитет на нашето општество, на седницата одржана на 28.04.2015 година донесе одлука, заради обединето делување и формално да им се придружи на политичките субјекти и невладините организации од Република Македонија кои недвосмислено се залагаат за следниве принципи и ставови:
- неодложна политичка одговорност на креаторите на кризата;
- итно и целосно политичко разрешување на државно-политичката и институционална криза во Република Македонија, со формирање на „преодна влада“ во која нема да бидат ангажирани политички и професионално компромитирани личности;
- преодната влада да добие мандат да го отпочне процесот за правно разрешување на кризата т.е. на извршените кривични дела во врска со истата;
- итно прочистување на избирачкиот список и донесување измени во изборната легислатива со кои ќе се елиминираат можностите за било чиј „изборен инженеринг“,
- за раздвојување на партиите од институциите на државата и за создавање систем кој ќе оневозможи злоупотреба на државните органи и институции;
- за независно, непристрасно и објективно судство во служба на граѓаните;
- за почитување на темелните уставни вредности и права на граѓаните;
- за слободни медиуми и критичка мисла;
- за задолжителна конфискација на нелегално стекнатиот имот, како стандард кој ќе ја потсетува секоја владеачка гарнитура или бизнис група во Република Македонија дека корупцијата и криминалот не се исплатат;
- за јасно и конкретно делување за интегрирање на Република Македонија во ЕУ и НАТО.