Заев: Бараме објаснување кој и со каква цел ја дестабилизира Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:

На почетокот сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи како и до семејствата на загинатите цивили.

Одлучив да присуствувам на денешната седница на Советот за безбедност, но моето присуство не значи дека јас и опозицијата даваме легитимитет за сето она што државните институции го правеа изминатите неколку години а особено последниве неколку месеци.

Нашите ставови за капацитетот и легитимитетот на оваа власт се познати, од нив не отстапуваме. Но денеска имаме друг приоритет, да се спречи процесот кој очигледно води кон дестабилизација на државата и загрозување на безбедноста на граѓаните.

Моето присуство на седницата на Советот за безбедност е исклучиво поради загриженоста за безбедносната состојба во државата.

На седницата, во име на граѓаните, ќе барам објаснување кој, зошто и со каква цел ја дестабилизира Македонија, дали воопшто кризата во Куманово е завршена и дали е точно дека и во некои други региони има инфилтрирано вооружени групи? Дали безбедносните служби знаеле од порано за оваа вооружена група и од кога?

Исто така, од суштинско значење е дали овие луѓе имаат било каков план и стратегија за смирување на состојбата и спречување на можна ескалација.“- истакна Заев.