Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г. Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, г. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, г-ѓа Мариане Берец, вршител на должноста шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, капетан Румен Радев, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО и амбасадорот на Република Турција, г. Омур Шолендил, како НАТО контакт амбасадор.
На средбата македонскиот претседател ги информираше соговорниците за вчерашната седница на Советот за безбедност, при што беа разменети информации и мислења за последните случувања во Куманово и безбедносната состојба во Република Македонија. Претседателот Иванов посочи дека се дадени конкретни насоки за соодветно постапување на сите институции на безбедносниот систем, со цел да се спречи евентуално ескалирање на тензиите и дестабилизација на државата.
Во овој контекст, претседателот Иванов уште еднаш ја истакна потребата за поддршка од меѓународната заедница во интерес на стабилноста на Република Македонија, како и стабилноста и безбедноста на целиот регион. Тој побара да се вложат максимални напори со цел деблокада на евроатланските интеграции. Последните политички случувања во државата се резултат, покрај другото и на долготрајната статус кво ситуација во однос на евроатлантските интеграции, која остава простор за најразлични обиди за дестабилизација и за разни видови шпекулации. Затоа е потребно, порача претседателот Иванов, итно да се изнајдат начини и да и се овозможи напредок на Република Македонија, на планот на евроатлантските интеграции, а во интерес на севкупните односи во општеството.
Особено е важно да се врати чувството на сигурност и безбедност кај македонските граѓани, посочи претседателот Иванов и истакна дека покрај обединетост на внатрешен план, потребна е засилена регионална и меѓународна соработка за спротивставување и заштита од тероризам, со цел во иднина да се превенираат вакви и слични дејствија. Во тој контекст, побара засилен ангажман и соработка од страна на сите меѓународните фактори во Република Македонија.
Соговорниците ја поздравија вчерашната седница на Советот за безбедност, како и поканата и присуството на претставници од релевантните политички партии, и посочија дека во моментов е неопходен политичкиот дијалог, со цел да се надминат предизвиците со кои се соочува Република Македонија.