Претседателот Иванов се сретна со министерот за одбрана на Р. Латвија, Рејмондс Вејонис

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за одбрана на Република Латвија, г. Рејмондс Вејонис.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите помеѓу Република Македонија и Република Латвија на билатерален и мултилатерален план, особено во областа на одбраната и безбедноста.

Претседателот Иванов го информираше својот соговорник за актуелната состојба во земјава потенцирајќи дека на одржаната седница на Советот за безбедност се изрази најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија, а со преземената акција полицијата успеа да ја спречи намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата и да спречи и цивилни жртви.

Македонскиот претседател истакна дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочува Република Македонија, потребна е поддршка и од меѓународната заедница бидејќи статус кво ситуацијата во евроатлантските интеграции создава фрустрација во политичкиот и меѓуетничкиот живот правејќи нè ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.

Министерот Вејонис изрази длабоко сочувство за настаните во Куманово и ја пренесе поддршката на Латвија за Македонија во нејзините напори за пристапување кон НАТО и ЕУ. Воедно ја искажа подготвеноста на Република Латвија за натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи и соработка со Република Македонија во сите области од заемен интерес, особено во сферата на одбраната и безбедноста.