Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, денеска оствари средба со делегација на ОБСЕ предводена од Џерард Стоудман, специјален претставник за Западен Балкан.
На средбата се разговараше за актуелната ситуација во којашто се наоѓа Македонија, длабоката политичка криза и безбедносните предизвици со коишто се соочува земјава.
Претседателот Заев посочи дека вистината што ја дозна целокупната јавност во Македонија ги потврди злоупотребите на власта коишто веќе се забележани и во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР но и од други меѓународни организации.
„Клучно е воспоставениот систем на партиска контрола врз институциите да се замени со создавање независни државни институции кои ќе имаат легална, законска контрола врз процесите за коишто се надлежни. На тој начин Македонија ќе чекори кон нормализација на општеството. Ќе имаме независно судство, слободни медиуми, ќе се врати слободата и демократијата. Тоа е интерес на граѓаните, нормална, демократска земја“ рече Заев.
Претседател Заев акцентираше дека доказите коишто ги поседува опозицијата и коишто покажуваат незаконско однесување на врвот на власта се сопственост на Република Македонија.
„Само создавањето на независни институции може да ја подготват државата да започне легален, законски процес за истражување на објавените криминали“ додаде Заев.
Заеднички беше заклучено дека членството на Македонија во ЕУ и НАТО нема алтернатива и дека тоа е целта кон која што треба да се стремат сите политички субјекти во земјава.