Заев: Дојдовме по слободата и остануваме додека Груевски не замине

Говор на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, 17.05.2015

„Дојдовме по нашето,

Дојдовме по нашата иднина!

Испраќам конкретна и јасна пора ка, во име на сите нас овде: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, присутни од сите етнички заедници во Македонија, од различни страни на Македонија, од различни граѓански здруженија, организации, сојузи, од различни политички партии и со различни политички определби: Груевски, не одолговлекувај! И самиот гледаш, заврши твоето!

ОДИ СИ!

Почитувани присутни,

Во знак на почит и подршка на безбедносните сили, Ве повикувам на едноминутен молк за загинатите осуммина полицајци во Куманово.

Повикувам и на аплауз со којшто ќе изразиме почит кон вистинските патриоти, кои ја ставија на ризик својата безбедност и безбедноста на своите семејства, ги доставија доказите кај нас, за да и помогнат на Република Македонија и да се дознае Вистината за Македонија.

Почитувани граѓани, гости, дипломати, новинари, почитувани пријатели на Република Македонија и поддржувачи од Европскиот парламент и сестринските европски социјалдемократски партии:

Ричард Ховит, пратеник во Европскиот парламент и известител на Пратеничката група на Социјалистите и демократите за Македонија,

Кнут Флекенштајн, европратеник и заменик претседавач на Пратеничката група на Социјалисти и демократи во ЕП,

Почитуван претседател на Партијата на европски социјалисти, Сергеј Станишев,
Пратеници од Социјалдемократската партија во Парламентот во Шведска, Јасенко Османовиќ и Пири Ниени

Кристијан Кастања од Социјалистичката партија во Франција

Јорген Сил, советник во Секретаријатот на Парламентарната група на Социјалисти и демократи во Европарламентот,

Левенд Бицаку, Проект менаџер за Западен Балкан во Олоф Палме,

Благодарам што сте овде кога сте им најпотребни на граѓаните на Македонија!

Да го поздравиме поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски,

Почитувани коалициски партнери, партии од десницата, од левицата, од центарот

Почитувани другари: работници, студенти, ученици, наставници, лекари, хонорарци, земјоделци, чесни луѓе, добри луѓе,

Чест и гордост е да се застане заедно со вас во овој натпартиски граѓански протест и достоинствено, храбро, одлучно, црвсто, решително и непоколебливо да се исчекори кон узурпираните општествени вредности и државни институции.

Се измачи вистината да ја види светлината на денот, се измачивме и ние цела деценија да и помогнеме да излезе на површина.

Сега букти таа вистина под проѕирните површини на видливите зла, голема, колку што квадратни километри изнесува површината на Република Македонија.

Се излеа вистината низ зборови, а сега погледнете, извади цели реки по улиците на Скопје и Македонија.

Што може сега една единица мерка за злостор, за лага, за подлост, за криминал, за тортура и диктатура, олицетворена во еден лик кој повеќе ни самиот не си го препознава својот одраз во огледалото, наспроти овие илјадници граѓани, разбудени, освестени, исправени и одлучни за подобро утре?

Ништо повеќе почитувани пријатели не може да стори Никола Груевски, од тоа да ја напушти оваа зграда спроти нас во којашто му се одбројани часовите.

Кукавички, од позиција на премиер на државата, тој, слушнавме колку сурово се пресметувал со неистомисленици, ги праќал во затвор со пиштоли во глава, им рушел објекти и бизниси, казнувал, грабал од граѓаните цели згради и парцели што ги присвојувал, крадел избори, се инсталирал во полицијата и во судството за да се штити, мразел и преку институциите, како да се негова своина, се одмаздувал, најдрско и најбезобразно со соработниците ги погазил Уставот и законите, ги злоупотребувал безбедносните служби и администрацијата, дури и за името на државата скришно се пазарел. Сето тоа го слушнавте низ 33-те прецизно и аргументирано подготвени прес конференциии од проектот Вистината за Македонија.

Сега Груевски се плаши дека ќе било кукавички ако заминел. Зарем не е кукавички покрај се ова што го правел да се држи во заложништво Македонија ?

Овој масовен собир овде порачува дека, со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине.

Друго решение, за кризата којашто е во кулминативна фаза, почитувани граѓани, нема.

За да се врати демократијата што ја згазија,

Правдата што ја окупираа,

Надежта и достоиството што го одзедоа од осиромашените граѓани, фрлени во очај,

За да ја исправиме на нозе Македонија која е фрлена на колена,

За да ги запишеме одново избришаните европските вредности,

На злоупотребите ќе ставиме крај!

И мириса на слобода во овој пролетен мај!

Овој 17-ти мај ќе влезе во историјата на слободна Република Македонија, тоа ви го гарантирам!

Почитувани граѓани,

Решението за излез од една од најсложените политички кризи од независна Македонија е Никола Груевски да поднесе оставка. Веднаш, заедно со Груевски, оставки да поднесат и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски и обвинителот за организиран криминал, Јован Илиевски, и двајцата продолжени раце на Никола Груевски и на неговиоит братучед Сашо Мијалков.

Неопходно е да се постигне политички договор за формирање преодна Влада којашто ќе има мандат, да создаде услови за организирање слободни и фер, предвремени парламентарни избори.

Во строго утврдени рокови ќе мора да се прочисти Избирачкиот список.

Во тој период ќе треба да се создадат услови за независно медиумско известување.

Ке мора да се вратат контролните механизми во државата.

Порачувам,

ДОЈДОВМЕ И НЕ ЗАМИНУВАМЕ ДОДЕКА НЕ ГО ВРАТИМЕ МИРОТ, СПОКОЈОТ И ДОСТОИСТВОТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Очекувам, меѓународната заедница, којашто е сведок на сето зло што им е нанесено на граѓаните на Република Македонија, да помогне со директно учество, не само со набљудување, за мирна разврска на политичката криза.

Предупредувам дека можното инаетење на Никола Груевски со волјата на граѓаните на Македонија, видлива е таа волја денеска, може да има последици што никој не ги посакува.

Од тие причини очекувам, сите граѓани во Македонија кои се денеска овде, невладините организациии, граѓанските здруженија, политичките партии, низ еден разумен и мирен процес да ја помогнат посакуваната пресвртница во Македонија, во којашто нема да има место за насилници на слободата и слободната волја.

Во очекување на една таква разврска на кризата, денеска ќе ги соопштам клучните начела врз коишто ќе се потпираат и градат политиките на Социјалдемократскиот сојуз за клучните државни и граѓански приоритети, што се нормални за секоја нормална држава.

Три ипол месеци ветуваме дека нема да дозволиме ова зло никогаш повеќе да се повтори. Овој најголем протест во историјата на Македонија испраќа порака дека граѓаните веруваат, дека го сакаат тоа и како претседател на Социјалдемократскиот сојуз и во име на опозицијата се обврзувам и гарантирам:

1. Македонија ќе биде заедничка држава, стабилно, правично и грижливо мултиетничко општество за сите граѓани кои се родени и живеат во оваа земја, независно од какви било различности, по каква било основа. 24 години Македонија е една држава со две општества. Тоа повеќе не смее да биде така. Различностите се нашето богатстство и врз основа на тоа ќе ги зацврстиме темелите на мултикултурата, ќе ја градиме уште од детските градинки и училишта. Заврши времето на “големите патриоти” кои и да се тие. Заврши!

2. Најавувам фер распределбата на доходот и државните добра по сите основи. Ќе создадеме општество на слободни и еднакви граѓани, во коешто платите ќе обезбедуваат пристоен живот, а пензиите достоинствена старост.

3. Република Македонија ќе биде пример на социјална држава којашто ќе се грижи за сите категории граѓани. Социјалната заштита ќе овозможува излегување на корисниците на социјална заштита од сиромаштијата. Даноците ќе бидат прилагодени според примањата на граѓаните.

4. Најавувам ефикасно јавно здравство, со лесно достапни услуги за сите, ослободено од непотребни административни сопки во коишто сега се заглавени лекарите и медицинскиот персонал. Ќе воведиме национална здравствена сметка што ќе овозможи во секој момент да се следат трошењата во здравството. Случаи како болната смрт на малата Тамара, никогаш да не се повторат.

5. Образовниот систем ќе го поставиме на темели што ќе бидат договорени заедно со студентите, учениците, наставниците и професорите. Главен приоритет ќе биде квалитетот, а не начинот на испитување. Ќе го намалиме бројот на предмети во основното и средно образование. Ќе создадеме успешен европски систем по примерот на Финска и Словенија. Ќе го укинеме екстерното тестирање и казните. Ќе го вратиме приемниот испит на факултетите, наместо сегашната матура, а математика ќе полага секој кој ќе се запишува на природни науки. Ќе ја вратиме комплетната автономија на универзитетот. Во Скопје ќе изградиме студентски универзитетски центар.

6. Субвенциите во земјоделството ќе бидат поголеми од досегашните, поврзани со цели и ефекти што ќе создадат европски конкурентно земјоделство и достоинствен и задоволен земојделец.

7. Ќе се фокусираме максимално на привлекување странски инвестиции, но домашните компании ќе го имат приматот во државната помош. Тоа ќе го раздвижи стопанството и ќе создаде услови за отворање нови работни места со достоинствени плати.

8. Ќе ги тргнеме рацете на политичарите од правосудната власт. Сите судски пресуди што се спорни за јавноста, ќе се преиспитаат! Ќе обезбедиме целосна финансиска независност на судството. Обвинителите и судиите ќе бидат обврзани да ја извршуваат својата должност самостојно, без притисоци, преку елиминирање на можноста за незаконски пресуди. Ке се заложиме Јавниот обвинител да се избира на непосредни избори или да биде избран на предлог на опозицијата.

9. Постојните капацитети на овластени органи за спроведување на специјалните мерки меѓу коишто е и прислушувањето, ќе ги обединиме во еден самостоен и функционален независен орган, што ќе биде далеку од рацете на политичарите. Ваков скандал каков што ја тресе Македонија во моментов, да не се повтори никогаш повеќе.

10. Притворот нема да се злоупотребува.

11. Казнената политика ќе се фокусира на превентивата. Висината на казните ќе биде условена од приходите.

12. Владата и јавните институции нема да трошат буџетски средства за реклами и кампањи на комерцијалните медиуми. Граѓаните ќе се информираат преку соопштенија на МРТВ. Македонската телевизија ќе биде медиум со целосна финансиска и политичка независност, по теркот на најуспешните примери во регионот. Општествената поддршка на 7-та сила – медиумите, ќе биде определена преку политички независен фонд за чијашто распределба ќе одлучуваат новинарите, според критериумите на гледаност или читаност со можност за поддршка на помалку гледаните и читаните медиуми.

13. Ќе се стимулира поддршка на спортот и на културата преку можност за поддршка од секој правен субјект во висина од 30% од данокот на добивка.

14. На големите индустриски капацитети што ја загадуваат животната средина ќе им обезбедиме соодветни услови веднаш да ги воведат бараните законски пропишани мерки, со цел заштита на здравјето на граѓаните.

15. Следната влада ќе може да опстои повеќе од 6 месеци само ако е максимално транспарентна. Ќе го демонтираме комодитетот на власта со расфрлување народни пари, но исто така ќе го разголиме работењето на луѓето од власта преку воведување на нивна квартална отчетност.

16. Парламентот ќе биде главен контролор на извршната власт. Седници за пратенички прашања ќе има два пати месечно.

17. Премиерот и министерот за финансии во текот на постапката за носење на Буџетот ќе мора да учествуваат на јавна дебата на МРТВ, заедно со лица од опозицијата и експерти. Тоа ќе биде дел од процесот на утврдување на Буџетот на Република Македонија.

18. Парите што се украдени, ќе мора да се вратат назад!

19. Нема да отпуштаме луѓе од јавната администрација – ќе ја реорганизираме по мерит систем во функција на обезбедување квалитетни услуги на граѓаните и штитење на нивните права.

20. Партиската книшка нема да биде повеќе критериум за вработување. Секој граѓанин ќе има подеднаква можност за работа и заедно сите ќе ја градиме нашата иднина и земја.

21. Ќе создадеме општество во коешто ќе има место за сите. Граѓаните нема да имаат потреба да се иселуваат од родната земја во потрага по подобра иднина во светот.

22. Ќе се посветиме максимално на остварување на стратешките определби на Македонија за членството во ЕУ и НАТО.

23.За решавање на проблемот со името ќе изградиме државен политички консензус. Ќе ги поставиме сите заедно, нашите црвени линии, но во функција да го решиме долгогодишниот проблем што е кочница на просперитетот на Македонија. Ќе го заштитиме нашиот национален и државен идентитет и нашата национална и државна посебност. Конечната одлука ќе биде на сите граѓани на Република Македонија, преку референдум.

Ова се само базични начела врз коишто тимови на СДСМ и опозицијата максимално посветено работат и ќе продолжат да работат.

Почитувани граѓани, сите политики на Социјалдемократскиот сојуз ќе се договараат со вас граѓаните на Република Македонија!

За крај,

Груевски, престани да го лажеш народот дека некој ја сака власта без избори!

Не сме тука по власт, не можеш да разбереш оти во твојата глава се е во функција на власта.

Дојдовме по слободата.

Дојдовме по нашето право, правото на овие граѓани кои се тука и на сите други, да изберат раководство, на слободни и демократски избори!

Тоа право што ти насилно си го украл и присвоил! Чувме! Разбравме! Видовме! Знаеме! Нема веќе лаги Никола!

Сега ти си во рацете на Вистината. Немој повеќе да се мачиш и ти ниту да ја мачиш повеќе Македонија.

Почитувани присутни, почитувани граѓани,

Остануваме овде пред Владата. Оставка од Никола Груевски мора да има. Додека не замине Груевски, не заминуваме ни ние одовде. Придружете ни се, придружете се, за вас, за вашите деца, за слободна и перспективна Република Македонија!

Продолжуваме…“– рече во својот говор Заев.

Извор: www.sdsm.org.mk