СДСМ: Невиден притисок и тортура врз дел од вработените во државната и јавната администрација

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Никола Груевски и врхушката на власта во Охрид деновиве вршат невиден притисок и тортура врз дел од вработените во државната и јавната администрација.

Луѓето се принудуваат по секоја цена да земат учество на митингот на ВМРО-ДПМНЕ што вечерва се одржува во Скопје.

По партиска директива на ВМРО-ДПМНЕ, раководните лица во јавните претпријатија, училиштата, градинките, болниците, општината и другите државни и локални институции вршат притисок врз дел од вработените. Први на удар се волонтерите, вработените со времени договори, со договор за дело и сезонските работници.

Денеска во сите училишта во Охрид наставата ќе се одвива до 15:00 часот, а потоа вработените задолжително треба да заминат на митингот со организиран превоз со автобуси.

Работното време денеска е незаконски скратено за дел од вработените во државната и јавната администрација во општинските и државните институции.

Некои од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, што работаат во општинската администрацијата, денеска се незаконски ослободени од работа. Родителите се принудуваат до 15:00 часот да си ги земат децата од градинките, затоа што воспитувачките и негователките мораат да одат на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера граѓаните на Охрид сами по своја волја дојдоа и остануваат пред Владата додека Груевски не замине.

Ги охрабруваме граѓаните да постапат според своите убедувања и чувства.

Порачуваме дека Груевски со или без негова волја токму поради еден од ваквите механизми на владеење мора да замине.“- стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.