Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими претставниците на Националниот сојуз на инвалиди на трудот на Република Македонија, по повод 60 годишнината од активно делување на организацијата.
Претставниците на сојузот го запознаа претседателот Иванов за активностите на организацијата во изминативе години, како и за предизвиците со кои се соочуваат во сферата на инвалидите на трудот. Во тој контекст беа разменети мислења околу предлозите на сојузот со цел разрешување на проблемите од областа на инвалидското осигурување, како и за нивните иницијативи за подобро нормативното уредување на одредени прашања.
На средбата со претседателот Иванов, воедно беа разменети мислења околу поддршката што сојузот ја добива од страна на државните институции, како и за нивната соработка со останатите меѓународни организации.
Македонскиот претседател истакна дека како и досега, и во иднина ќе продолжи да ги поддржува активностите на Националниот сојуз, со цел унапредување на положбата на инвалидите на трудот и целосно остварување на нивните права и потреби. Воедно, претседателот Иванов изрази поддршка за брзо решавање на приоритетните барања на инвалидските организации, како и поддршка за подобрување на законската легислатива, и нејзино доследно имплементирање.
По повод 60 годишнината од нивното активно делување, претставниците на Националниот сојуз на инвалиди на трудот му доделија благодарница на Претседателот на Република Македонија за досегашната поддршка и успешната соработка.