Матурска парада 2015

Со традиционалната порака за мир и со звуците на популарниот танц Квадрил матурантите од четирите општински средни училишта, денеска на Градскиот плоштад, ја одиграа Матурската парада 2015.

Општина Охрид е традиционален покровител на танцот, а градоначалникот Никола Бакрачески ја отвори десеттата по ред Матурска парада.

„Почестен сум и среќен кога сум во друштво на толку многу насмеани и ведри лица, млади лица околу мене. Во еден од најзначајните моменти за Вас би сакал да Ви подарам компас кој би ви го покажувал патот во иднина, оној, единствен пат кон успехот. Кога во еден познат бестселер на млад богаташ од Америка ќе му речат: “Си имал среќа да бидеш толку млад и толку богат. Тој едноставно ќе им одговори: ДА!!!, ИМАВ СРЕЌА ВО РАБОТАТА, И ЗАБЕЛЕЖАВ, ДЕКА КОЛКУ ПОВЕЌЕ РАБОТАМ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ СРЕЌА ИМАМ. А, среќата и успехот се неизбежност на добро извршената работа и секогаш одат заедно. Нивната “судбина” денес е во Вашите раце. Раце кои можат да држат и цвет и мед и порок и престап, изборот е Ваш, изборот секогаш и со сигурност го знае вашето срце. Животот е полн со предизвици и препреки, скокови и падови пред кои Вие треба да стоите исправено. Успехот на нашето општество зависи од вашата енергија, од вашето знаење и од вашата определба, од Вашата решителност и упорност, од вашиот начинот на справувате со предизвиците. Овој компас ве насочува што вие ќе бидите утре која ќе е вашата професионална определба, дали ќе бидете доктори, правници, инженери, актери, поети, музичари, архитекти, програмери, трговци или професори, но уште поважно од се е да бидете ЛУЃЕ, да бидете скромни, сочуствителни, полни со радост, почит, вера и разбирање, негувајте ги овие вредности бидејќи тие се фундаменти на една заедница каде и да живеете утре. Нив во срцето треба да ги понесе секој еден од вас кој денес го игра матурскиот танц како и оној кој во овој момент е во својот дом и размислува каде ќе го продолжи своето образование, без разлика каде живее и дали е во Охрид, Отешево, Осло, Оксфорд, Онтарио или во кој било дел од од светот. Вашиот успех зависи од Вашата посветеност, од домашното воспитување, од соработката со професорите, од дружбите со соучениците, фејсбук пријателите, соиграчите во кошаркарскиот тим, друштвото за ноќна шема и секако од Вашата средношколска или студентска љубов. Затоа апелирам до вас како иднината на нашето општество, играјте тимски, споделете радост, истрајте чекор повеќе, изборете се за уште една победа плус, уживајте во младоста и љубовта, не пропуштајте ја ни читалната, ни бруцошките забави кои следат, учете се додека постоите… и СЕКАКО бидете капетани над својот брод, држете го кормилото цврсто, гледајте го компасот почесто и секогаш бидете подготвени на ветрот и на брановите“. – рече градоначалникот Бакрачески.

Охридските матуранти, заедно со своите врсници од стотина европски градови точно на пладне, синхронизирано го одиграа танцот квадрил, на звуците од Штраусовата опера „Лилјакот“.

Елемент што оваа манифестација ја прави поатрактивна е што секоја година се прави обид да се постави Гинисиов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места, односно во различни градови. Во изминатите 14 години од одржувањето на манифестацијата седум пати се поставувани вакви рекорди, а вкупниот број на учеснци е 281.988 матуранти.

WebOhrid