Во рамките на проектот „Популаризација на театарот“ , што го реализира општина Охрид во соработка со основните училишта, НУ Центар за култура „ Григор Прличев“ и Охридскиот народен театар, на 27 и 28 мај ќе се одржи манифестацијата „ Деновите на ученичкиот театар“.
Утре со почеток во 11.00 часот, на малата сцена при НУ Центар за култура „ Григор Прличев“, манифестацијата ќе ја отворат учениците од ОУ „Кочо Рацин“ со изведба на драмскиот текст „ Соживот“ , во режија на наставничката Наташа Неданоска. Во 12.00 часот настапуваат „актерите“ од ОУ „ Живко Чинго“ со современа изведба на драмскиот текст „Бегалака“ , во режија на наставничката Снежана Стојаноска. Во 13.00 часот настапува театарската група од ОУ„Христо Узунов, со изведба на драмскиот текст „Чорбаџи Теодос“, во режија на наставничката Нада Групче.
На 28 мај ( четврток ) на истата сцена, во времето од 11.00 и 12.00 часот, ќе бидат прикажани драмските претстави „ Дилбер Стана“ во изведба на учениците од ОУ „ Братство Единство“, во режија на наставничката Јованка Љаткоска и драмата „Чорбаџи Теодос“, во изведба на учениците од ОУ „Григор Прличев“ , во режија на наставничката Маја Гугоска.
Овој проект за прв пат се реализира оваа година и ќе има ревијален, а не натпреварувачки карактер. Целта на овој проект е да се негува мајчиниот јазик, да се приближи театарската уметност до најмладата публика и притоа театарот да стане подостапен за секоја возраст.