АХВ за сточарите испечати информативни летоци за превенција на болеста Син јазик

Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и испечати информативни летоци за болеста Син јазик, кои ќе им бидат поделени на сточарите со цел навремено преземање на превентивни мерки за заштита од појава на оваа болест, која минатата година нанесе големи штети на сточарите и го десеткува добиточниот фонд. Земајќи го во предвид фактот дека оваа болест се пренесува преку убод на инсекти и вообичаено се јавува во периодот од мај до октомври, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира одгледувачите на животни навремено, редовно и правилно да вршат дезинсекција во своите одгледувалишта, овците да ги третираат со репеленти (средства кои се нанесуваат на животните и кои ги штитат од убод на инсекти).

Исто така, неминовно е и редовно чистење и вршење дезинсекција на изметот од животните со ларвицидни средства, по можност органски, кои што се регистрирани во Република Македонија, со цел да се уништат ларвите на мушичките кои ја пренесуваат болеста кои евентуално презимиле во изметот, а кои се активираат со затоплувањето.

Одгледувачите на животни за совет треба да се обратат кај ветеринар од надлежното ветеринарно друштво, а се препорачува и редовно следење на известувањата од Агенцијата за храна и ветеринарство.

При било каков сомнеж на појава на болеста сточарите треба веднаш да го известат надлежниот ветеринар или надлежниот ветеринарен инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Болеста Син јазик е вирусно заболување кое ги напаѓа преживарите (овци, кози и говеда), а се пренесува преку инсекти Culicoides, кои се заразуваат со вирусот кога цицаат крв од инфицирани животни. Не се пренесува од животно на животно, не е зооноза односно не постои ризик по здравјето на луѓето.

Болеста различно се манифестира кај различни видови животни, во најтешка форма се јавува кај овците, каде предизвикува намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност. Морталитетот варира од 2-30% кај заболените животни, но, може да достигне и до 70%.

Болеста Син јазик која се пренесува преку инсекти (мушички од видот Culicoides). Најжесто се јавува кај овците, но заболуваат и говедата, козите, како и бафалата, антилопите, елените, срните и камилите.

Кај заболените овци се јавува треска, хеморагии и улцерации на усната и носната празнина, обилно лигавење и исцедок од носот, оток на усните, јазикот и вилицата, воспалување на коронарниот зглоб и кривење, слабост, депресија и намалување на телесната тежина,профузен пролив, повраќање и пневмонија, абортус, пореметување во растот на волната кај реконвалесцентите што резултира со нејзино делумно или целосно паѓање.

Агенцијата за храна и ветеринарство будно ја следи состојбата со појава на болеста во државата и во земјите од регионот.
Досега нема пријавено случај на појава на оваа болест.

1. Информативен леток за болеста Син јазик може да го преземете тука

2. Препораки за заштита и благосостојба на животните при појава на болеста Син јазик
Препораките на Македонски јазик може да ја погледнете тука
Препораките на Албански јазик може да ја погледнете тука

3. Информативно-едукативна брошура за болеста Син јазик
Брошурата на Mакедонски јазик можете да ја погледнете тука
Брошурата на Албански јазик можете да ја погледнете тука