Конкурс за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ во 2015 годинa

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ја информира јавноста дека е во тек Конкурсот за државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2015 година. Конкурсот трае од 1 до 30 јуни 2015 година …

Со државната награда „Св. Климент Охридски” се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Државната награда се доделува на поединци, групи творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Државната награда, според условите определени во Конкурсот, може да се додели и на странски државјани, групи творци, екипи и институции од странство од јавен интерес за Република Македонија.

– На награден поединец му се доделува диплома и паричен износ.

– На секој член на наградена група творци или екипа му се доделува диплома и еднаков дел од паричниот износ.

– На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „Св. Климент Охридски” изнесува десет (10) просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година.

– Државната награда „Св. Климент Охридски” се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу до пет (5) награди.

– Иницијатива за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

– Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат иницијативата. Во текстот треба да се содржани и: прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење (улица, број, место, град, држава), податоци за резултатите во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето.

– Подносителот на иницијативата мора да ги наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон.

– Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 20 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден (1) примерок.

Иницијативите треба да се достават на следнава адреса: Министерство за култура на Република Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски”, ул.„Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје, Република Македонија.

Конкурсот трае од 1 до 30 јуни 2015 година.

Некомплетните иницијативи и иницијативите и прилозите (трудови, книги, публикации и сл.) доставени по утврдениот рок за прием во врска со Конкурсот нема да бидат разгледувани.

Одбор за доделување на државната

награда „Св. Климент Охридски “