Неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и прием на Република Македонија во НАТО Алијансата, побара претседателот Иванов на денешните средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабер Китаровиќ, а во рамки на учеството на „Самит 100″, кој денеска се одржува во Порторож.
На средбите со словенечкиот и хрватскиот претседател беа разменети мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес.
Претседателот Иванов ги информираше претседателите на Република Хрватска и Република Словенија за актуелната политичко-безбедносна состојба во Република Македонија. Oценувајќи дека политичката криза и бојкотот на институциите трае предолго, македонскиот претседател ја нагласи потребата и очекувањето политичките лидери преку политички дијалог најитно што може да дојдат до решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и евроатланската интеграција на земјата. Најзначајно е, истакна претседателот Иванов, нормализирање на политичкиот дијалог и решавање на сите kolinda-prmпредизвици во рамки на институциите и согласно Уставот и законите. Од друга страна деблокадата на евроинтегративните и евроатланските процеси на Република Македонија кои во голема мера имаат влијание на актуелните состојби, може само позитивно да се одрази во целиот регион. Во тој контекст македонскиот претседател изрази очекување дека Република Словенија, Република Хрватска како и земјите од Брдо Бриони Процесот ќе дадат силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори со Република Македонија, како и поддршка за прием на земјата во НАТО, согласно пресудата на МСП и Времената спогодба.
Претседателите Пахор и Китаровиќ на средбата истакнаа дека позицијата на Република Словенија и на Република Хрватска во однос на Република Македонија е јасна и константна, изразена како безусловна, континуирана и принципиелна поддршка за ЕУ и НАТО интегративните процеси, со нагласена подготвеност за пренесување на своето искуство на овој план. На средбата беше реафирмиран заемниот интерес за натамошно унапредување на економската соработка, зголемување на трговската размена, привлекување словенечки и хрватски инвестиции во Република Македонија како и за разгледување можности за заеднички настап на трети пазари.
Воедно беше разговарано и за престојниот самит на Брдо Бриони Процесот во Црна Гора, како и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.