Младата фудбалска репрезентација на подготовки во Охрид

Македонската репрезентација до 21 година денеска го имаше официјалниот собир во просториите на ФФМ, и по краткиот состанок на селекторот со играчите заминаа во Охрид каде што ќе се подготвуваат за претстојниот квалификациски натпревар кој ќе се одигра на 11ти јуни, 2015 г. на стадионот на Валур во Рејкјавик со почеток од 21:15 часот.

Освен предходно повредените Илиев и Денковски, од денес селекторот нема да може да смета и на Енис Барди кој ќе биде подложен на хируршка интервенција поради стара повреда на пукнат надворешен менискус, а Даниел Аврамовски пред два дена заработи повреда на коленото. Аврамовски ќе биде со националниот тим во Охрид и ќе се чека одлука од медицинскиот тим во зависност од неговото понатамошно закрепнување.

„Познавајќи ги Енис и Даниел и нивниот компетитивен дух, знам дека ова е голем удар и големо разочарување кое треба да се надмине. Играта и фудбалската страст е важна, но здравјето е над сé. Им посакувам брзо опоравување и фокусираност кон таа цел, бидејќи ги очекуваме во вториот натпревар од овој квалификациски циклус“. – изјави селекторот Благоја Милевски.