Груевски се сретна со претставниците на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, г-дин Роберто Батели и специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена, г-дин Андреас Нотеле.

На средбата со соговорниците беше констатиран позитивен развој на соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ. Премиерот Груевски се заблагодари и ја поздрави активната улога на ОБСЕ во реализацијата на реформите и мерките кои се насочени кон реализација на стратешките цели.

Премиерот Груевски истакна дека темелна определба на Република Македонија е членството во ЕУ и НАТО, на чија реализација Владата работи на исполнување на активностите и мерките од пристапниот процес. Тој посочи дека Владата ќе продолжи со посветена работа за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера и унапредување на можностите за сите граѓани и нивниот стандард.

На средбата стана збор и за актуелната политичка состојба во земјата, при што соговорниците истакнаа дека е потребно одговорно однесување, отворен ангажман на субјектите при што се констатира потребата и очекувањата за нејзино брзо надминување. Претставниците на ОБСЕ ги поздравија напорите за решавање на политичката криза, како и дијалогот кој се одвива во тој правец.

Соговорниците потенцираа дека соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ ќе продолжи во сите сфери од взаемен интерес и од интерес за граѓаните на земјата.