Средба на Попоски со претставници на ОБСЕ

Интеграцијата на Македонија во ЕУ би придонела за надминување на предизвиците со кои се соочуваме во моментов, а кои можеби и не би постоеле во различен контекст, доколку бевме членка на НАТО и ги започневме преговорите за членство во ЕУ. Реформскиот курс на земјата секако продолжува во постигнување на стратешките цели.

Ова било констатирано на денешната средба на мнистерот за надворешни работи Никола Попоски со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа Роберто Батели кој беше придружуван од амбасадорот Андреас Нотеле, специјален претставник на Парламентарното Собрание на ОБСЕ во Виена.

Како што соопшти МНР, министерот Попоски на средбата ја нагласи континуираната определба на Република Македонија за европската и евроатлантската интеграција и во тој контекст го подвлече и значењето на експертизата на ОБСЕ во тој процес.

Попоски потенцираше дека актуелните политички предизвици треба да се разрешат преку правни, институционални и политички процеси во согласност со уставниот поредок и воспоставените начела на демократија и владеење на правото.

На средбата, се наведува, беше изразено задоволството од севкупната соработка на Република Македонија со институциите на ОБСЕ.