Димовски: ВМРО – ДПМНЕ е подготвена за избори во било кој термин до април

Подготвени сме за избори во кој било термин до април како што беше договорено и потпишано на 2-ри јуни. ВМРО-ДПМНЕ како партија секогаш се базира и ги темели своите активности на поддршката од граѓаните. Ова го изјави синоќа координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски пред почетокот на седницата на Централниот комитет во Охрид.

Димовски истакна дека на седницата ќе бидат разгледани сите аспекти на политичката состојба во државата и оти ќе бидат донесени заклучоци за кои јавноста ќе биде дополнително информирана.

„Ние сме доведени до ситуација како држава, една партија која во континуитет губи на избори, да ја уценува целата држава и да предизвикува политичка криза со тоа надевајќи се дека без избори и поддршка од граѓаните ќе добие некои позиции за себе, за жал не водејќи сметка за најсуштинските интереси на граѓаните и на државата“, рече тој.

Како што рече, со тоа се нанесува штета на угледот на државата на меѓународен, но и на економски план.

„Влегуваме во една фаза во која очигледно е дека СДСМ има намера и желба да го поништи договорот од 2-ри јуни потпишан меѓу партиите. Бараат начин како да ги блокираат сите обврски што ги преземале партиите,“ оцени Димовски.