ОИЕ спроведе контрола на квалитетот на работењето на ветеринарните друштва во РМ

Tим на експерти од Меѓународната организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, во петокот го одржаа завршниот состанок со првите луѓе на Агенцијата за храна и ветеринарство, во рамки на акцијата за оценка на квалитетот на работењето на ветеринарните служби во Република Македонија и нивната усогласеност со меѓународно прифатените стандарди на ОИЕ. Контролата, на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство како контакт точка за нашата земја за ОИЕ, се спроведе од 2 до 13 овој месец.

Како што беше истакнато на состанокот, контролата на квалитетот на работата на ветеринарните друштва во Република Македонија, од страна на ОИЕ се реализира со помош на алатка за оценка работењето на ветеринарните служби ( PVS) развиена од нивна страна . Станува збор за алатка која е дизајнирана со цел да им помогне на ветеринарните служби во земјите членки на ОИЕ во процесот на понатамошно зајакнување на одржливоста на нивното работење согласно стандардите за квалитет на ОИЕ, а која има за цел подигнување на свеста за потребата од постојано унапредување на квалитетот на работењето на ветеринарните служби.

За спроведената контрола, експертскиот тим за ОИЕ ќе подготви извештај и ќе даде соодветни насоки и препораки.