Балканската турнеја на најдобриот театар од Израел започнува од Охрид

Театарската претстава „Нашиот клас“ од Израел својата балканска турнеја ја започнува токму од Охрид како дел од јубилејната фестивалска програма на 55-то Охридско лето. Љубителите на врвните театарски креации ќе можат да уживаат во ова театарско остварување на 18 јули во Предворјето на Света Софија со почеток од 21 часот.

Според селекторот на драмската програма на Охридско лето, Ѓорѓи Јолевски, еден од најиграните современи драмски текстови за трагедијата на еврејскиот народ во втората светска војна е „ Нашиот клас “ од Тадеуш Слобоѓанек во режија на Ханан Снир, ко – продукцијата на „Камери театар“ и Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив од Израел. Оваа потресна драма на естетичката и овоземската реалност, според Јолевски, го доведува гледачот до висок степен на емотивно празнење.

„После долгогодишна комуникација и соработка со „Камери театар“од Тел Авив мојот напор заедно со уметничкиот директор на „Камери театар“, г-дин Ноам Семел, да донесеме претстава од најдобриот театар од Израел конечно се оствари. За 55-то јубилејно издание на Охридско лето, со помош на Израелската амбасада во Скопје и несебичната помош на амбасадорот Дан Ориан, во предворјето на Света Софија театарската публика во Охрид ќе ја проследи феноменалната претстава „ Нашиот клас “ од Тадеуш Слобоѓанек во режија на Ханан Снир. Оваа драма за животот на учениците од еден клас кои стануваат жртви и џелати заради околностите во кои живеат е една од најиграните драмски дела во современиот театар. Претставата на Камери театарот и Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив ги обединува најдобрите млади актери во оваа емотивна драма за жртвите на фашизмот“, вели Јолевски.