Министерството за образование и наука информира дека во тек е исплатата на паричните награди за учениците од основно и средно образование и нивните наставници ментори, кои во текот на учебната 2014/2015 година освоиле прво место на државен натпревар, организиран од здружение на наставници кое е акредитирано за организирање на соодветен натпревар, од страна на Министерството.
„До овој момент, на вкупно 36 ученици и наставници ментори кои аплицирале во Министерството за исплата на средства по основ на освоено прво место на државен натпревар, ќе им бидат исплатени парични награди од по 10.000 денари.“– велат од Министерството.
Министерството за образование и наука им се заблагодарува на сите ученици коишто учествуваа на училишните натпревари во оваа учебна година, им честита на победниците и ги охрабрува и во иднина да земат учество и да конкурираат со своето знаење на овие натпреварувања.