Работна средба помеѓу Царинската Управа и Државната комисија за спречување корупција

Царинската управа на Република Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата на 15.06.2015 година одржаа работна средба на која се дискутираше стартот на практичната имплементација на Договорот за далечински пристап до електронскиот систем на Царинската управа (т.н. ЕРП – ЛУКА) за евиденција на анкетните листови на царинските службеници. Договорот е склучен согласно Протоколот за соработка за превенција и репресија на корупцијата и на судирот на интереси и согласно истиот, Царинската управа и дозволува далечински пристап на Државната комисија за спречување на корупцијата до модулот за анкетни листови на царинските службеници, со цел увид во расположливите податоци евидентирани во системот, без можност за нивна промена.

На средбата, Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Горан Миленков истакна дека ова е прво воспоставување конекција меѓу институциите од ваков вид и дека Државната комисија за спречување на корупцијата е подготвена истото да го направи и со други институции кои ја имаат потребната техничка можност.

Помошник директорот на Секторот за професионална одговорност, на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата им го презентираше системот за анкетни листови, нагласувајќи дека со практичната примена на договорот, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе може да ги користи податоците во рамките на своите законски надлежности со цел систематско следење и проверка на анкетните листови за имотната состојба на вработените во Царинската управа.