Претседателот Иванов учествува на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015“ во Братислава

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денес ќе престојува во Братислава, Словачка Република, каде што ќе учествува на Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015″.

Претседателот Иванов ќе се обрати на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа?”. Теми на годинешниот форум се улогата на централна Европа во Украина, иднината на Европа, надворешната политика на САД, колективноста на НАТО Алијансата, како и економските карактеристики на Вишеградската група.

На Глобалниот форум за безбедност „ГЛОБСЕК 2015″ е најавено учество на шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, за одбрана, парламентарни делегации, извршни директори на глобални компании и тинк-тенк организации. Меѓу учесниците се претседателот на Словачката Република, претседателите на Хрватска, на Естонија, на Грузија и на Полска, премиерите на Велика Британија, Словачка, Црна Гора, Чешка и на Унгарија. На форумот најавено е учество и на Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер, Генералниот секретар на ОЕЦД, г. Анхел Гуриа, американскиот сенатор г. Џон Меккејн.

За време на учеството на ГЛОБСЕК форумот во Братислава, предвидено е претседателот Иванов да оствари повеќе формални и неформални средби.

„ГЛОБСЕК” форумот, што се одржува по 10. пат, претставува угледна и реномирана конференција на глобално ниво, со фокус на надворешната и безбедносната политика во централна Европа. Целта на форумот е да го стави регионот на мапата на трансатлантското стратегиско размислување и во агендата на светската надворешна, безбедносна и економска политика.

Во македонската делегацијата се министерот за одбрана, д-р Зоран Јолевски и министерот без ресор г. Фуркан Чако, кој за време на престојот во Братислава ќе ги презентира поволностите и можностите за инвестирање во Република Македонија пред словачките бизнисмени.