Зголемен бројот на живородени деца минатата година

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија вкупно се родени 23 767 деца, од кои живородени се 23 596 деца и 171 се мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2014, во споредба со претходната година, е зголемен за 458 деца или за 2.0%. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество и тоа 51.6%, односно, на 100 живородени женски деца 106.5 се машки.

Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 35.5% се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години, па следуваат мајки на возраст од 30 до 34 со 26.7%, па мајките од 20 до 24 години со 21.2% итн. Просечната возраст на мајката при вкупниот број на раѓања е 28.5 години, а 26.8 години при првите раѓања, односно благ пораст во однос на претходната година. Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1985 година.

Во 2014 година се регистрирани 27 живородени деца од мајки на возраст под 15 години. Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2 706 деца или 11.5% од вкупниот број на живородените деца припаѓаат на вонбрачните.