Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Р. Италија во Р. Македонија, Масимо Белели.
Можноста за постигнување договор на 29 јуни за начинот на разврска на политичката криза во Македонија, беше една од главните теми на состанокот.
Претседателот Заев ја пренесе неговата посветеност и посветеноста на СДСМ за разговори на принципиелно ниво, што ќе донесат до решенија коишто мора да бидат доволна гаранција за спроведување на слободната волја на граѓаните.
„Подготвени сме да најдеме решение. За постигнување на таа цел важно е да се обезбедат квалитетни механизми за системска реорганизација, што ќе спречат натамошни злоупотреби и организација на Влада во којашто нема да бидат вклучени креаторите на кризата, премиерот Груевски и неговите соработници“, рече претседателот Заев.
Тој ја појасни потребата за повлекување на Груевски 6 месеци пред изборите, со потребата на граѓаните од доверба во подготовките на изборниот процес, без уцени, закани, поткуп на гласачи, користење на државните и кадровски ресуси од позиција на политичка моќ, во цели на тесната група на власт.
Италијанскиот амбасадорот Белели го пренесе очекувањето за брзо и целосно решение на политичката криза.
На средбата се разговараше за можностите што ги отвора организацијата на Владата којашто треба да ги подготви и спроведе изборите, за решавање и на критичките прашања нотирани во Извештајот на Прибе, што во најголем дел се забелешки и на Европската комисија, како и за можните поефикасни чекори во други домашни области што се важни за квалитетот на живот на граѓаните на Македонија.