Првата државна кардиохирургија е пуштена во употреба денеска во рамки на Скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“.
На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за здравство Никола Тодоров, медицинскиот персонал кој ќе работи во оваа болница, странските доктори кои помогнаа за едуцирање на тимот проф. Предраг Милиевиќ од Институтот за кардиоваскуларни заболувања од Дедиње, проф. Омер Џемаили од Клиниката Триемли во Цирих, проф. Антонио Маруло од Клиниката Сапиенца во Рим, Италија и проф. Бојан Биочин од Клиниката за кардиохирургија Ребро, директорите на ФЗОМ и на клиниките.
„Ова беше сон на многу генерации во македонското здравство и македонскиот здравствен систем“, изјави министерот Тодоров.
Им се заблагодари на сите кои, како што рече, макотрпно работеа во изминатиот период за реализација на овој проект.
„Пред се би сакал да им се заблагодарам на докторите од Дедиње со чија помош успеавме да ја изградиме оваа кардиохирургија, но и на сите доктори коишто помогнаа во целиот овој период, односно кардиохирурзите од Италија и Швајцарија, но и од „Ребро“ од Загреб каде што се врши субспецијализација на двајца македонски специјалисти хирурзи, која треба да заврши за една и пол година“, рече Тодоров.
Просторот на клиниката за државна кардиохирургија е во склоп на Клиниката за кардиологија, проектиран со намена за хируршки блок и со вкупна површина од околу 750 метри квадратни. Содржи две операциски сали, интензивна нега со шест кревети, две болнички соби со шест кревети, приемна амбуланта, чекална и пропратни простории.
„Целиот овој објект од околу 750 метри квадратни чинеше околу 36 милиони денари градежниот дел и над 100 милиони денари опремата која што е набавена. Инвестицијата е околу 140 милиони денари“, изјави министерот Тодоров.
Во државната кардиохирургија, додаде тој, има најсовремена опрема од најнова генерација која што овозможува работа на сите можни кардиохируршки процедури.
„Државната кардиохирургија ќе биде подготвена да одговори на сите предизвици во оваа сфера во која го имаме најголемиот морбидитет и морталитет, односно кардиоваскуларните заболувања во РМ. Над 50 проценти од морталитетот отпаѓа на овие заболувања, како и во најголем дел од европските земји“, рече министерот за здравство.
Опремата опфаќа операциски столови, апарати за анестезија, машини за дишење, ЕКФ апарати, апарати за торакална дренажа, апарати за мерење на коагулација на крв во тек на отворена операција на срце, перфузори, инфузиомати, машина за вонтелесно прочистување крв, надворешни пејсмејкери, централна мониторинг станица (во вредност од 5 милиони денари), дигитален мобилен рентген апарат (во вредност од 9.597.884 денари) и друга опрема.
Тодоров најави дека за две до три недели ќе почнат да се вршат интервенции во државната кардиохирургија имајќи предвид дека по денешниот настан треба да се изврши детална стерилизација.
Првата кардиохируршка интервенција беше успешно извршена на 19 март минатата година во операциската сала на Клиниката за детска хирургија од страна на докторите кардиохирурзи од Италија Роберто Чини и Антонино Маруло. До сега успешно се извршени 71 интервенција, додека од почетокот на 2015 година, на Клиниката се извршени вкупно 219 прегледи. Тодоров очекува бројот на интервенции годишно да изнесува над 500.
„Генерално со кадар сме екипирани, овде има 50 вработени. Кардиохируршкиот тим е составен од наши кардиохирурзи, но и од кардиохирурзи од Дедиње од почетокот на месец јули ќе бидат и кардиохирурзи од Швајцарија. Тој период на работа со кардиохирурзи од странство ќе продолжи се додека не се заврши формалната едукација на нашите кардиохирурзи коишто се на специјализација во Загреб на „Ребро“, рече Тодоров.
Потенцира дека во овој момент во оваа кардиохирургија комплетно целиот тим е подготвен да врши трансплантација на срце. Идејата е, според Тодоров, покрај кардиохируршките интервенции кои би се изведувале три до четири дневно, да се извршуваат и васкуларни интервенции.
„Заради тоа направивме и дополна во дејноста да биде за кардиоваскуларни болести“, рече министерот за здравство.
Освен лекарскиот тим кој ќе го предводи проф. д-р Сашко Јовев, на Клиниката има и млади анестезиолози кои се подготвуваат и ментор анестезиолог.
„Процесот тече и нашиот тим веќе самостојно работи и, се разбира, со останатиот кадар ко ќе дојде. Идејата е да се изгради клиника која што навистина ќе трае и ќе има европски ритам и ништо да не се остави на случајност. Задоволни сме од тоа како нашиот тим работи и како се доедуцира. Сето ова тече по еден протокол што е одлично замислен“, изјави д-р Јовев.
ЈЗУ Универзитетска Клиника за државна кардиохирургија е основана со Одлука на Владата на Република Македонија на 22 јануари 2014 година. По неуспешните обиди во изминатите 40 години, првпат во РМ е основана професионална и модерна клиника за државна кардиохирургија, што претставува витален проект за македонскиот здравствен систем.