Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите истакна:
„Од она што го добивме како информација од грчката делегација можеме официјално позитивно да се изјасниме и ја поддржиме ова иницијатива. Особено поради тоа што навистина, со години наназад, упатуваме пораки да се отворат разговори за други полиња освен проблемот со името, коишто би создале многу подобра ситуација и за политичарите, и за граѓаните, но и за бизнисмените и за другите општествени чинители за унапредување на соработката помеѓу нашите две земји. Во вакви околности секако и доволно храбро да се повлечат храбри чекори, и конечно да се изнајде решение и за долгогодишниот проблем, којшто Грција го има со нашето уставно име.
Јас верувам дека ваквите иницијативи не можат да бидат на штета на било која од двете страни, можат да бидат само од корист, а тоа се однесува и за нашата земја. Водам една општина којашто е на границата со Грција и знам дека предностите од соработките се придобивки за нашите граѓани, секако и за граѓаните на Грција. Во тоа име можам само да охрабрам и потврдам идни соработки.
Се надевам дека доаѓаат времиња каде што и покрај кризата во Македонија и кризата во Грција, не можеме да ги издвоиме како несоодветни времиња, времињата се секогаш соодветни да направиме соработка повеќе, да подадеме рака повеќе од којашто секако интерес ќе имаат нашите граѓани.
Се надевам дека првите практични реализации на ова поле ќе ги видиме многу брзо, уште во текот на летото, или есента којашто ќе доаѓа, од било која од полето на 11-те точки за коишто е постигнат договор. Секако јас како економист но и како политичар верувам и се надевам дека тоа ќе бидат пред се резултати прво на полето на економијата и трговијата од каде што граѓаните очекуваат подобар и поквалитетен живот за сите.“– истакна Заев.