Вечерва во Галеријата на Куќата на Робевци Охрид ќе биде отворена изложба на накит на младата дизајнерка Елисавета Мартинова.
Охриѓанката Елисавета Мартинова ќе презентира неколку колекции на летен накит, целосна рачна изработка.
Изложбата е насловена „Летна Сензација“.
„Ќе им презентирам на посетителите дел од многубројните парчиња накит кои ги имам изработено, а за во иднина се надевам дека ќе има и многу други изложби. Мојата изложба „Летна сензација“, се надевам дека ќе го оправда името, да им предизвика воодушевување на посетителите, да ги освои на прв поглед и да им понуди накит кој плени. Ќе можат да се најдат парчиња накит за секоја жена, но и оние кои подаруваат накит на своите најблиски, ќе можат да си одберат нешто“, повикува непосредно пред својата изложба Ели Мартинова.
„Бистри капки, кои подготвени ја чекаат игривоста да се спои со талетот, големата љубов и трпение, кои се потребни за да се креира накитот на Мартинова. И не само обична креација. Прво ќе ве обземе светлина, потоа ќе ги почувствувате боите, па ќе се стопите од среќа, кога ќе ги почувствувате деталите. Како што Ели гледајќи се како мало дете, со нејзините први дизајнирани парчиња накит и приказните за секое камче – своја приказна, ги освојувала познавачите на естетската вредност некогаш, така сега пред нас се наоѓа накит, кој е богатство од чувства, нежност, но и гламур и сензационалност,“ вели во дел од рецензијата на изложбата промоторот Маја Мојсова.
Мартинова повеќе години се занимава со изработка на накит, а го основаше и нејзиниот бренд Martinelly. На изложбата во Галеријата на Робевци ќе се претстави со нова колекција на изработен накит.
Изложбата ќе биде од продажен карактер, а ќе биде со почеток во 20 часот.