На денешната средба со претставници на охридските кајчари , градоначалникот Никола Бакрачески рече дека е запознат со проблемите околу нивниот статус и вети дека ќе посредува кај надлежните државни институции, за брзо и трајно решавање на проблемот. На средбата, на која присуствуваа и претставници на Секторот за туризам и локален економски развој и подрачната единица на пазарниот инспекторат, беше соопштено дека веднаш ќе се испрати барање до Секторот за туризам при Министерството за економија за покренување постапка за дополнување на Законот за туристичка дејност.
Средбата со охридските кајчари што се одржа денес е континуитет на претходните активности и заложби на градоначалникот Никола Бакрачески и надлежните служби на Локалната самоуправа за решавање на проблемот. Активностите и средбите ќе продолжат со надеж дека ќе се изнајде прифатливо решение, бидејќи превезувањето патници со чамец по Охридското Езеро претставува, традиционално препознатлив дел од туристичка понуда во која се вклучени осумдесетина кајчари.