Претседателот на СДСМ Заев се сретна со американскиот конгресмен Енџел

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар Оливер Спасовски и членот на И.О на СДСМ и претседател на Комисијата за економија, Драган Тевдовски попладнево се сретна со делегација предводена од американскиот конгресмен Елиот Енџел, придружувани од амбасадорот на САД во Р.Македонија, Џејмс Бејли.

Актуелната политичка криза во Македонија, мегуетничките односи и евро-атлантските перспективи беа главните теми на разговор.

Претседателот Заев ги соопшти политиките на СДСМ насочени кон враќање на уништените демократските вредности во Македонија.

„Институциите се партизирани, јавната администрација работи под притисоци на власта, медиумите и судството се под целосна контрола на власта. Поради ова, изгубена е довербата во узурпираните институции, како што најдиретно посочуваат последните извештаи на Стејт Департментот, на Европската комисија, на ОН. Погазената демократија и слободата на граѓаните мора да се вратат. За таа цел, инсистираме на организација на Влада во којашто и власта и опозицијата мора да бидат гаранти за изразување на слободната волја на граѓаните и за подготовка и спроведување фер и демократски избори“, рече претседателот Заев.

Претседателот на СДСМ изрази очекување дека многу скоро ќе се одржи лидерската средба и нагласи дека е потребна сериозност и одговорност од сите страни кон интересите на граѓаните, а не кон лични и партиски цели.

Американскиот конгресмен Енџел и членовите на делегацијата се интересираа посебно за меѓуетничките односи во Македонија. Претседателот Заев го соопшти позитивниот пример со коалицијата Граѓаните за Македонија, којашто покажа дека граѓаните, независно од различностите по која било основа, можат да функционираат заедно, кога за тоа постои искрена волја.

ZaevEngel2slika