Раководството на „Охридско лето“ оствари средба со пратениците од Охрид Николовски и Василевски

Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска денеска оствари работна средба со пратениците Алесандар Николовски и Сашо Василевски при што ги информира за досегашните подготовки околу 55-тото јубилејно фестивалско издание.

Заблагодарувајќи им се за нивната поддршка, Јанкуловска ги информира пратениците од Охрид дека подготовките се веќе завршени и оти фестивалот може да започне така како што е планиран.

„И минатите години а и претходно бевте со нас и постојано доаѓате за да не поддржите и да се информирате околу подготовките на фестивалот. Тоа нам многу ни значи. Ве пречекавме во новиот дом и многу сум среќна што ви остави впечаток и што ви се допадна. Тоа е функционален простор обезбедува континуитет во процесот на работа и подготовка каде што заедно со тимот на вработените го подготвуваме и реализираме фестивалот. Ние имавме една работна средба со вас кога ве информиравме до каде сме со подготовките. На оваа средба можам да кажам дека веќе завршивме со подготовките за годинешното јубилејно фестивалско издание. Вчера, на Балканскиот фестивал на народни песни и игри се потврди дека и сцената Долни Сарај е готова бидејќи е освежена. Антички театар знате дека е веќе подготвен и дека се завршуваат некои мали детали и декорации. Од утре почнуваме да ги пречекуваме екипите и да ги правиме техничките подготовки за свеченото отворање во недела на 12.јули, на Антички театар од 21 часот со сценската кантата „Кармина Бурана“ и шпанската продукција „Ла фуера делс баус“ , Македонската опера и балет и Македонската филхармонија“, рече Јанкуловска.

Таа потврди дека и годинешното издание на фестивалот се реализира со огромна поддршка на целата држава.

„Јубилејното издание на „Охридско лето“ не обврзува сите. Целата подготовка ја направивме благодарение на поддршката што ја имаме и од министерството за култура, од нашиот претседател како покровител, од пратениците и од Општина Охрид и градоначалникот Бакрачески кој ни помогна во уредување на целиот тој дел за да се претставиме како добри домаќини и организатори на 55-тото издание“, нагласи Јанкуловска.

Според пратеникот Александар Николовски ваквите средби со менаџментот на фестивалот се веќе традиционални, а како такви ќе продолжат и во иднина.

„Ние имаме една убава традиција, секогаш неколку дена пред свеченото отворање на „Охридско лето“ да се видиме и да поразговараме за програмата, за она што ќе се случува во 40-те дена во Охрид, што ние можеме како пратеници во нашиот дел да помогнеме, како најдобро да се промовира фестивалот и во таа насока би сакал да го изразам моето задоволство прво што „Охридско лето“ конечно функционира во едни простории кои што го заслужуваат имиџот и реномето на овој фестивал и претставуваат едно пријатно катче за работа, прво на вработените кои прават навистина големи дела за фестивалот, градот и за целата држава, а понатаму и за сите уметници коишто доаѓаат тука. Ја поздравувам исклучително амбициозната програма која ја има годинава „Охридско лето“, не само отворањето коешто е спектакл сам по себе, туку и целата програма затоа што доаѓаат навистина уметници и артисти од светски калибар кои се големи имиња во својата област без разлика каде настапуваат“, изјави Николовски по денешната средба во дирекцијата на „Охридско лето“.

Како што додаде тој, „Охридско лето“ стана дефинитивно најголемиот бренд на градот Охрид и најголемиот бренд на културата на Република Македонија, извозник на убави и позитивни вести.

„Во време кога не секогаш излегуваат добри вести од овие балкански простори, „Охридско лето“ е секогаш светла точка и во таа насока поддршката што ја даваме секоја година со буџетот што го гласаме во Собранието на Република Македонија, но и со сето она што можеме да го направиме како промоција, останува како наша обврска“, рече тој.

Пратеникот Сашо Василевски појасни дека денешната средба со раководството на фестивалот не е протоколарна, туку напротив, како што рече, соработката трае во текот на целата година.

„Ние како пратеници не дојдовме денеска чиито протоколарно, туку нашата соработка трае преку целата година со нашето лобирање во Парламентот, со носењето на буџетот. Денеска директорката не запозна со плановите, со проекциите, што не очекува во следниот период. Ако до пред некоја година разговаравме за лошите економски резултати и загубите кои ги имаше во континуитет „Охридско лето“, денеска, минатата година, а се надевам и во следните години ќе разговараме за убави планови, фестивалот да биде препознатлив бренд во целиот свет“, рече Василевски.

Педесет и петтото јубилејно издание на „Охридско лето“ свечено ќе биде отворено в недела, на Антички театар, со почеток во 21 часот со спектаклот „Кармина Бурана“ што ќе го долови шпанската продукција „Ла Фуера дел баус“ заедно со Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

IMG_4155