Поблиска соработка со Фондот за иновации

Општина Охрид во иднина ќе остварува поблиска соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, за да се обезбеди поширока афирмација на нивните проекти на кои би аплицирале повеќе микро, мали и средни претпријатија од охридското подрачје. Ова беше речено на денешната средба на заменик градоначалникот Ангел Јанев и директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска.

Беше договорено, две лица од општина Охрид да учествуваат на следната обука што во Скопје ќе ја организира Фондот, за да можат пред распишувањето на вториот јавен повик, на заинтересираните фирми да им помагаат околу пријавувањето.

На првиот јавен повик за инструментот кофинансирани грантови за старт- ап и спин- оф претпријатија, како што беше речено на средбата, биле пријавени 78 предлог- проекти.Одбрани биле 16 проекти , за кои финансиската поддршка вкупно изнесувала над 450.000 евра. Радува податокот што меѓу финансираните е еден проект на охридска фирма.