Инситуциите и Катастарот ќе комуницираат електронски

Државните органи, судовите, општините и другите субјекти со пренесени јавни овластувања отсега електронски ќе ги доставуваат сите документи кои содржат правна основа, а по кои се врши запишување во Катастарот. По истиот принцип, електронски, и Агенцијата за катастар на недвижности ќе им ги доставува потребните документи на институциите.

За оваа цел, како што беше речено на прес-конференција на која беше промовиран проектот, предвидена е измена на 30 законски решенија од областа на правосудството, финансиите, градежништвото, земјоделството, социјалната заштита, економијата, културата и здравството. Вкупно 19 се донесени, а 11 се во владина процедура.

Техничките услови за поврзување ги овозможи Катастарот преку својот Електронски (Е-кат) шалтер кој веќе брои над 700 професионални корисници, односно преку него се поврзани сите нотари, геодетски фирми, извршители и проценители.

„Со поврзување на државните институции преку овој проект, бројот на корисници на Е-кат шалетрот ќе се зголеми за повеќе од 200“, рече вицепремиерот за економски прешања Владимир Пешевски.

Според него, електронската комуникација ќе придонесе за редовно ажурирање на катастарските податоци со оглед дека граѓаните и правните лица по добивањето на документите за запишување во Катастарот ги чуваа дома, а воедно ќе се подобри и ефикасноста на администрацијата зашто инситуциите по службена должност електронски ќе ги доставуваат документите до Катастарот.

Најголема придобивка од електронското комуницирање меѓу Катастарот и институциите, оцени Пешевски, ќе имаат граѓаните кои досега чекаа и губеа време по шалтери.

Оценувајќи го електронското поврзување како крупна реформа, директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпески истакна дека Електронскиот шалтер е воспоставен во 2011 година и преку него во овој момент се примаат 44 отсто од вкупниот број предмети.

„Со донесувањето на секој од 30-те закони, институциите ќе потпишуваат договор за користење на Електронскиот шалтер“, објасни Трпески.

За успешно спроведување на електронското поврзување, пред два дена се донесени и измените на Законот за катастар со кои се овозможува бесплатно користење на катастарските податоци од страна на министерствата, судовите, обвинителствата и државното правобранителство. Со оваа мерка, како што посочи директорот, се очекува да се зголеми ефикасноста на овие органи во случаите на имотно-правната проблематика, бидејќи сите податоци ќе им бидат достапни 24 часа.