„Лето без пожари“ е мотото под кое СВР Охрид отпочнува со реализација на низа зајакнати мерки од превентивен, но и од репресивен карактер за заштита на шумите, пасиштата и другите отворени простори од пожари. Во таа насока, СВР Охрид, најнапред ќе отпочне со серија средби со граѓаните на целото подрачје.
Денес од 14 часот полициски службеници од отсекот за превенција ќе имаат работни средби со претставници од сите месни заедници во општината Дебрца на теми од превентивното делување за заштита од пожари на отворен простор, јакнење на свеста за заштита од пожари и информирање на населението.
Во соработка со територијалната против-пожарна единица, ЦУК, ЈП „Македонски Шуми“, Националните паркови, шумската и граничната полиција, АРМ, локалната самоуправа, Црвениот крст и другите надлежни субјекти и институции, ќе се следи состојбата на подрачјето во врска со пожарите и ќе се преземаат предвидени мерки за заштита, навремено забележување и информирање за настанат пожар до сите останати релевантни субјекти за координирано преземање на натамошни мерки и навремено локализирање на истиот. Полициските службеници заедно со шумската полиција ќе имаат превентивни патроли на отворен простор со цел елиминирање на опасноста од предизвикување на пожар и примена на мерките согласно наредбите од ЈП „Македонски Шуми“ за забрането движење во шуми без одобрение односно ограничено и контроли- рано присуство во шуми. Ќе се врши надзор во претпријатијата што стопанисуваат со шуми, пасишта и на одговорните лица ќе им се укаже за потребата од зајакната контрола на терен за заштита од пожари и примена на законската регулатива. Предвидена е интензивна соработка со институциите и на регионално ниво за размена на информации во врска настанати пожари, организирање на дополнителна помош во опрема, техника, сили и средства со цел преземање на заеднички понатамошни мерки.
Редовно преку канцеларијата за односи со јавноста во СВР Охрид, ќе одржуваат контакти со медиумите и до граѓаните ќе се доставуваат информации, ќе се укажува на опасностите од пожар како и на превентивните мерки кои треба да се превземаат со цел спречување и справување со настанат пожар.
СВР Охрид, посебно ќе работи на оперативен план со цел пронаоѓање на причините и предизвикувачите на случен пожар, а се со цел документирање и преземање на соодветни законски мерки.