Честитка од претседателот Иванов по повод Националниот празник на Француската Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, упати честитка до г. Франсоа Оланд, претседател на Француската Република.

„Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, го имам задоволството, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки и желби за просперитет на пријателска Франција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам високо уважување за зацврстувањето на односите меѓу Република Македонија и Француската Република.

За Република Македонија од особено значење e француската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и Европската унија. Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната status quo состојба во европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, улогата на Франција како искрен поддржувач на перспективите за евроатланска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од стратегиско значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш Националниот празник, Ве молам, господине Претседателе, да ги примете изразите на моето највисоко почитување.“– се вели во честитката.