Сите капитални едиции промовирани во последните неколку години и сите поддржани изданија во Годишната програма на Министерството за култура може да се купат во пет библиотеки во Македонија …
Делата се достапни во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во универзитетските библиотеки „Св. Климент Охридски“ од Битола и „Гоце Делчев“ од Штип и во библиотеките „Кочо Рацин“ од Тетово и „Григор Прличев“ од Охрид.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска информира дека иако овие едиции се дел од библиотечните фондови на националните институции, нивната интенција е книгите да бидат пуштени и во продажба за секој читател да може да си избере одредено издание од домашната и од светската литература.
„Наша цел беше да ги доближиме врвните вредности на македонската и на светската литература до читателската јавност, да обезбедиме соодветна литература која ќе го збогати образовниот и едукативниот процес, да го подигнеме нивото на интелектулна култура во нашата држава“ – рече Канческа-Милевска.
Министерката за култура додаде дека при многубројнитепромоции на делата постојано до нив пристигнувале иницијативи и побарувања од стручните редакции и од граѓаните за едициите да бидат дел од нивните приватни библиотеки. За таа цел, како што рече министерката, Министерството за култура во мај годинава пристапи кон измени во Законот за библиотеките со што конечно се создадоа формално-правни услови националните установи од областа на библиотечната дејност да можат да вршат продажба на публикации.
Од 1 јули дел од книгите може да се купат одделно или да се купи цел комплет на десет месечни рати. Просечната цена на една книга од едицијата „130 тома македонска книжевност“ изнесува 156 денари, а на книга од едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература“ е 300 денари.
„Продажбата на публикациите во нашите установи ќе има исклучително значајна културолошка и воспитно-образовна функција и ќе придонесе библиотеките дополнително да се отворат кон јавноста“ – рече Канческа-Милевска.
Таа информира дека во фаза на реализација се следниве проекти: Антологија на македонската поезија на шест светски јазици; Антологија на македонската литература за млади и деца; 50 книги за најпознатите светски битки; 50 книги од областа на здравиот живот, уметноста и архитектурата; 316 книги од едицијата Светско книжевно богатство,…
Директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, Иван Заров, посочи дека некои од овие дела првпат се преведени на современ, книжевен, македонски јазик и додаде оти се работи за многу квалитетни преводи.
„Читајте, купувајте и ширете го убавиот македонски збор “– рече Заров.