Концертна вечер за историја – „Телонаука Совршена“ се враќа на сцената со прв концерт во Струга

По пауза од 23 години, култната група „Телонаука Совршена“ ќе настапи во живо во рамки на третото издание на „ДримOn“.

Публиката ќе има ретка можност да присуствува на концертот, кој ќе биде во сабота, 25 јули на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Гитаристот и вокалист на бендот, Сашо Кленкоски рече дека идејата за повторно враќање на сцена била уште од пред нецела година и имаат намера групата да продолжи таму каде што запре во 1992 година.

„Ова ќе биде нашиот прв настап во Струга. Верувале или не, „Телонаука Совршена“ никогаш немала настап во Струга, а „ДримOn“ е одлична прилика тоа да се случи“ – вели тој.

Дел од членовите на групата, освежени со нови музичари, ќе настапат во живо, со песни од единствениот албум „Кадис“, кој воедно е и првиот албум на македонски јазик, но ќе има и нова музика. Кленкоски додава дека во план се повеќе свирки на неколку фестивали надвор од земјата, а подготвуваат и нов материјал.

„На овој концерт ќе свириме песни од „Кадис“, како и од пост-Кадис периодот, па дури и една од новите песни кои ги подготвуваме изминативе неколку месеци“ – објаснува Кленкоски и додава дека бендот ќе настапи во нов состав, со подмладена енергија, а од старата постава на бендот, освен Кленкоски ќе биде и тапанарот Антонио Гоџо.

Организаторите ја нарекуваат оваа вечер како концертна вечер за историја, во која освен „Телонаука Совршена“, концерт ќе има и еден од најагажираните бендови кај нас „Bernays Propaganda“, во обновениот состав. Тие се концертно многу активни. По настапот на фестивалот, ќе свират во Куманово, а имаат закажано и концерти низ Словенија и Хрватска.

Силна програма конципирана во 5 фестивалски дена

Првите три фестивалски денови ги започнува колективот на „Кула“ со „Readymade работилница“, на која учесниците ќе се запознаат со основите на ready-made и ќе имаат можност да творат во духот на оваа техника. Од „Кула“ велат дека главната цел на работилницата е да вмрежи млади луѓе кои се заинтересирани за алтернативните начини на употреба на секојдневните предмети.

Официјалното отворање е од 19.30 часот, со дебата на која ќе учествуваат претставници на гевгелискиот фестивал „Бош“, на „Кула“, како и домаќините ИНКА. Потоа следат изложби на Наталија Башоска, Никола Матоски и Викторија Попоска. Ќе биде прикажан и филмот „The Hip Reality Overdrive“ во режија на Јане Алтипармаков, а од 22 часот е концертот на „PMG Kolektiv“.

На вториот фестивалски ден публиката ќе види изложби на Горан Дачев и на Горан Менков, проекција на кратки филмови на студенти од Факултетот за драмски уметности, а вечерта ќе ја затвори диџејскиот сет на Александар Гавровски.

Во петок, 24 јули модната дизајнерка Ирина Тошева ќе одржи работилница насловена „Реупотреба текстил: мојата нова торба“, која ќе биде од 15 часот, а ќе продолжи и последниот ден. Новинарката и активистка Ана Јовковска ќе ја промовира својата нова книга „Пулсот и времето“, преку разговор со Владимир Мартиновски и Билјана Тануровска Ќулавковски. Од 21.30 е претставата која доби две награди на Меѓународниот фестивал на монодрама „Албамоно“ во Корча, Албанија, „Delirium Tremens“ по текст на Благоја Ристески Платнар, во режија и актерска игра на Игор Трпче. Од 23 часот ќе има забава насловена „Tribute to Subway“, посветена на култиот струшки клуб.

Фестивалскиот викенд (сабота и недела) започнува со танц работилница за млади, која ќе се одржи двата дена, под водство на Сабрина Железник. Во сабота, 25 јули ќе има и предавање на Владимир Јанчевски, а следат изложби на Дарко Алексовски и Дарко Петрушев, како и на Алма Идризи.

Последниот ден на „ДримOn“ ќе се одржи видео перформанс на Весна Дунимаглоска и изложба на Давид Василев – Даво.

За време на целиот фестивал ќе има и петдневен Саем на книга, на кој ќе учествуваат издавачките куќи „Или – или“, „Магор“, „Темплум“ и „Блесок“, како и Базар на уметнички производи.