Министерката за култура оствари средба со австрискиот амбасадор

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, Томас Михаел Баер. На средбата, двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија и Република Австрија имаат одлични културни врски, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата. Канческа-Милевска се заблагодари за поддршката што Амбасадата на Австрија во нашата земја ја дава за културата и изрази уверување дека македонско-австриското партнерство и понатаму ќе претставува инспиративен пример за успешна соработка во полза на културата и нејзините вредности.

Министерката за култура Канческа-Милевска потсети дека досегашната соработка со Република Австрија е на одлично ниво со континуирано претставување на македонските културни вредности во оваа земја, но значаен е и бројот на содржините со кои австриската култура се претставува во Република Македонија. Таа нагласи дека на особен прием кај австриската публика наидоа културните содржини кои беа презентирани во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија“ која минатата година се одржа по повод одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Настапот на современата балетска претстава „14 часа“ во преполната сала на театарот „Одеон“ во Виена беше поздравен со бурен аплауз и овации, а особен интерес имаше и за претставата „2012 – Последните Македонци“ во изведба на актерите од Драмскиот театар, како и за изложбата на Музејот на современата уметност со дела од македонски уметници.

На средбата, двајцата соговорници разговараа и за можноста за продлабочување на соработката во областа на културата меѓу Република Австрија и Република Македонија, како и за реализација на копродукциски проекти меѓу институциите од областа на културата во двете земји. Канческа-Милевска информираше дека е голем бројот на уметниците кои во континуитет се претставуваат на реномираните фестивали во Република Македонија, како што се „Мајски оперски вечери“, „Охридско лето“ и „Струшки вечери на поезијата“.

Исто така, беше нагласена и одличната соработка што двете земји ја негуваат со реномираната пијанистка и амбасадор на културата во Австрија, Елена Мисиркова, со чија поддршка се реализираат голем број културни содржини во Виена.

Амбасадорот Томас Михаел Баер ги нагласи и настаните преку кои австриската култура се промовира во Република Македонија, како што се организирањето на Виенскиот бал, како и повеќето ликовни и музички претставувања на уметници од Австрија.

DSC_0007