„Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ ги носи македонските уметници, саксофонистот Нинослав Димов и пијанистката Маја Поповиќ.
Концертот ќе започне во 21 часот, а на програмата се дела од Ида Готковски, Педро Итуралде, Виктор Мороско, Ари Бенјамин Мејерс и Жан Матитиа.
Нинослав Димов дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стојан Димов. По дипломирањето, продолжува со своите студии во Берлин, кои успешно ги завршува во 2006 година, по што специјализира со посебната програма наречена „Концертексамен“ („Konzertexamen“). Покрај многубројните рецитали, Димов бележи и повеќе солистички настапи со оркестрите на Македонската филхармонија, Косовската филхармонија, како и Берлинскиот „Лицеоркестер“ („Lietzeorchester“). Уште од почетокот на своите студии тој е водач на Саксофон квартетот „Димов”, а од 2007 година тој се јавува како член и коосновач на „Бенсман саксофон квартет“ („Bensmann Saxophon Quartett“), со којшто бележи многубројни настапи во Германија. Добитник е на повеќе награди на републички и на интернационални натпревари, и редовен учесник е на престижни семинари по саксофон во Словенија, Франција и Германија. Во моментов, Нинослав Димов работи како вонреден професор по саксофон на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а е член и на „Биг-бенд“ оркестарот при МРТ.
Маја Поповиќ дипломира со највисоки оцени на одделот за пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а подоцна и магистрира на истата установа. Во текот на своите додипломски и постдипломски студии активно учествува на мајсторските школи, кои ги воделе истакнати пијанисти и педагози, како: Борис Романов, Јокут Михајловиќ, Арбо Валдма и други. Како солист и камерен музичар настапувала во повеќе градови во Македонија, но и надвор од неа. Моментално работи како професор по пијано и камерна музика во Средното музичко училиште во Скопје, и како стручен соработник – корепетитор на класата по саксофон на Факултетот за музичка уметност.