Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ вечерва на „Охридско лето“ ќе долови интересни звуци за публиката, ќе предизвика многу енергија, емотивен набој и страст.
Проектот „Танго компас“ кој всушност е спој на џезот и класичната музика ќе биде незаборавно доживување за оние што вечерва ќе бидат на Антички театар. „Танго компас“ веќе неколку години успешно настапува низ Европа. Двајцата одлични музичари Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак, меѓу другото и страсни љубители на танго-музиката, постојано приредуваат незаборавни доживувања на слушателите секаде каде што ќе се појават.
Минатата година Миленковиќ и Хатлак ја започнаа и својата соработка со пијанистот Марко Чрнчец и контрабасистот Лука Херман Гајзер. Заедно со нив, на концертот на годинашново „Охридско лето“ ќе настапи и вокалистката Ана Безјак.
Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап. Дури уште од времето кога беше нарекуван „чудо од дете“ и кога како таков ги воодушевуваше љубителите на музиката низ целиот свет. Подоцна овој мајстор на виолината ја надгради исклучителната концертна активност настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук, а значајна е и неговата хуманитарна работа. Хармоникашот Марко Хатлак последниве 15 години изгради впечатлива национална и интернационална кариера. Танго музиката отсекогаш го привлекувала, па како резултат на тоа, тој досега има основано неколку ансамбли во светот, со кои изведува исклучиво ваков вид музика. Во текот на својата кариера настапувал во повеќе земји низ светот, и соработувал со голем број значајни музички имиња.
Марко Чрнчец својата кариера ја започнува во класичната музика, но подоцна се ориентира кон џез-музиката. Покрај изведувачката дејност, тој се јавува и како аранжер и продуцент на повеќе џез и поп-ансамбли. Досега соработувал со голем број значајни музички уметници.
Лука Херман Гајзер дипломира контрабас на одделот за џез-музика на Музичкиот конзерваториум во Клагенфурт, Австрија. Во текот на својата кариера соработувал со многу познати џез-уметници и ансамбли. Моментално работи како професор по бас-гитара и контрабас на одделот за џез-музика на Музичкиот конзерваториум во Марибор и во музичкото училиште „Карол Пахор“ во Птуј, Словенија.