Стефан Миленковиќ го наполни Антички театар

Некогашното „чудо од дете“ сега веќе светски познат виолинист Стефан Миленковиќ со својот спектакуларен настап на фестивалот „Охридско лето“ синоќа на Антички театар уште еднаш потврди дека е голем миленик на македонската публика. 

Во очи големиот национален празник во Република Македонија, Илинден, Миленковиќ заедно со својот колега, словенечкиот колега Марко Хатлак, но и со вокалистката Ана Безјак,преку проектот „Танго компас“ претпразнично ги растрепери срцата на оние што и покрај нестабилното време дојдоа да уживаат во неговиот проект и навистина не зажалија. 

Меѓу публиката синоќа на Антички театар беше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која пред неколку дена во својот кабинет го прими Миленковиќ. 

Претходно, министерката Канческа – Милевска го промовира локалитетот „Манчевци“ во Охрид, каде во текот на изминатиот периот беше извршена конзервација на ранохристијанска базилика од периодот меѓу четвртиот и 6-тиот век. Овој локалитет е целосно илуминиран и покриен.

„Овој локалитет е од огромно значење, како за културниот туризам на Охрид, така и за промоција на богатото културно наследство што го поседува Република Македонија. За проектот што се спроведуваше во неколку фази, Министерството за култура издвои 5,5 милиони денари, во чии рамки беа извршени системско археолошко истражување на локалитетот, консолидација на објектот, конзервација на сите мозаични подови, а беа поставени и автентичните столбови откриени на локалитетот“, појасни министерката Канческа – Милевска.

Таа потсети дека со поддршка на Министерството за култура се спроведуваат уште неколку проекти во Охрид.

„Со поддршка на Министерството се спроведуваат уште некоколку проекти како обновата на Светиклиментовиот универзитет, реставрацијата на црквата „Света Богородица – Перивлепта“ каде до крајот на годината ќе бидат освежени архитектурата на објектот, фрескоживописот и камбанаријата, а продолжуваат и проектот за обнова на фасади на репрезентативни објекти во градот, како објектот на „Радио Охрид“ и на „Магазата“, истакна Канческа-Милевска.

Во рамки на посетата на Охрид, министерката за култура присуствуваше и на отворањето на третата самостојна изложба „Меѓу сонот и јавето“ на уметникот Рубенс Наумовски која беше организирана во рамки на Научната и уметничка визита што се одржува во организација на Македонската академија на науки и уметности. Отворајќи ја изложбата, за дваесеттината дела, масло на платно, Канческа-Милевска рече дека се одраз на творештвото на авторот кој својата длабока инспирација ја наоѓа најмногу во опусот на неговиот татко, Вангел Наумовски, доајенот на македонската ликовна уметност.

„Во овие дела се илустрирани убавините на вечниот Охрид кои се во една синергија со љубовта кон апстрактното на Наумовски, неговиот отворен дух, желбата да се проникне во таинственоста на природата и бесконечноста на вселената. Овие дела ја симболизираат освоената слобода на авторот кој вложувајќи се себеси во секое создадено дело, преку своите искуства и сознанија, на еден особено креативен начин, ни ја доловува калеидоскопската игра на боите и формите, неговата поетската визија за Македонија“, нагласи министерката за култура Канческа-Милевска.