Целовечерен концерт на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ под диригентство на Летка Димовска- Полизова ќе се одржи вечерва во 21 часот, во црквата „Света Софија“, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. На програмата ќе прозвучат дела од домашното и светско хорско творештво.
„Добра практика изминатите децении беше во рамките на фестивалската програма да има барем еден хорски концерт. И оваа година ваквата традиција ќе биде запазена, со настапот на женскиот хор „Св.Злата Мегленска“, на патрониот ден на Св. Климент Охридски, ќе исполни повеќе композиции од македонски и странски автори. Само уште да додадеме дека со своите досегашни дострели, со многубројните награди и признанија во земјава и во светот, со големиот број настапи во повеќе светски земји, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“ е гаранција дека и оваа концертна вечер во „Св. Софија“ ќе биде на високо уметничко и исполнителско ниво“ – вели селекторката Гордана Јосифова-Неделковска.
Овој хорски ансамбл, кој постои 19 години, има повеќе од 670 настапи низ светот, а многу од овие патувања се овенчани со врвни признанија – доказ за посветеноста и ентузијазмот на неговите членови. Хорот досега има освоено вкупно 27 награди во повеќе категории, и тоа: четири гран-при, единаесет злата, осум сребра, три бронзи, како и голем број признанија. Сепак, минатата година за хорот „Св. Злата Мегленска“ беше најуспешна од неговото постоење. Беше единствениот претставник што ги бранеше боите на Македонија на најголемото хорско натпреварување – Светските хорски игри, што лани се одржаа во Летонија, а дома се врати со два златни и еден сребрен олимписки медалји.