СДСМ Дебрца: Премиерот во заминување во Дебрца пушташе објекти кои веќе се во употреба

Во врска со посетата на премиерот на Република Македонија, Никола Груевски во општина Дебрца, реакција испрати ОО на СДСМ Дебрца, во која стои:

„Премиерот во заминување Никола Груевски продолжувајќи со својот популистички стил на владеење денес ја посети општината Дебрца, глумејќи загрижен и целосно посветен на интересите и проблемите што ги мачат граѓаните изминативе години. При денешната посета на Дебрца тој присуствуваше на пуштање во употреба на неколку инфраструктурни објекти во општината.

И можеби се би било во ред ако во случајов не станува збор за проекти за реконструкции на постоечки инфраструктурни објекти, објекти кои по извршените реконструкции се ставени во употреба пред повеќе од една година. Така, реконструираниот водоснабдителен систем во село Ботун е пуштен во употреба пред една година, а во реконструираното основно училиште во село Требеништа учениците завршија една учебна 2014/2015 година. Исто така, останува нејасно зошто пуштањето во употреба на објектите кои се во функција го изврши Премиерот ако се знае податокот дека реконструкцијата на инфраструктурните објекти се финансираше со средства од буџетот на општината, односно средства на граѓаните на општината, а ниту денар не беше издвоен од буџетот на РМ.

Освен тоа, доблесно ќе беше посетата на Премиерот градоначалникот на општината и општинското раководство на неговата партија да ја искористат за да го прашаат дали и кога земјоделците од Дебрца ќе го добијат одобреното обештетување за природната непогода од 2010 година, да го “прошетаат” до индустриската зона во Мешеишта во која најавија многу инвеститори, до рудникот Стогово во кој нели требаше да се реализираат 200 вработувања, до остатоците од Слатинското Езеро и распукнатата брана, до полициската канцеларија во село Белчишта, која во две години откако помпезно беше отворена работеше “цел” еден ден, да го прашаат за отворањето на најавените откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи, дали и кога ќе се реализира најавената реконструкција на регионалниот пат Ботун-Велмеј или барем за почеток кога ќе се искоси високата трева по банкините на патот, да побараат објаснување зошто граѓаните на Дебрца на кои им се експроприра недвижен имот долж Автопатот А2 добиваат надоместок чија вредност е под пазарните цени, да го запознаат со маките на земјоделците од Дебрца кои немаат пласман на своите земјоделски производи или истите ги продаваат по цени кои не можат да ги покријат трошоците, да го прашаат зошто им доцнат земјоделските субвенции, да го запознаат со судбината на тристотината работници кои беа отпуштени од работа по стечајот на последната поголема фабрика во Дебрца, Сипо-Белчишта и редица други прашања кои ги тангираат интересите на граѓаните на општината.

Граѓаните на Дебрца со право бараат одговор на овие прашања. Наместо тоа, денес уште еднаш добија само голи ветувања од еден човек и неговата партија, репрезенти на еден дискредитиран режим, кој го има изгубено кредибилитетот да владее и кој своите тесни интереси ги стави пред интересите на земјата и нејзините граѓани.“- стои во реакцијата на ОО на СДСМ Дебрца.