ВМРО-ДПМНЕ: „Пустата“ желба на СДСМ да дојде на власт никако да се исполни

Во врска со соопштението на ОО на  СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која се вели:

„Пустата“ желба на СДСМ да дојде на власт никако да се исполни. И додека нема ни трага ни глас од нивното в.д партиско претседателче Заев, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Премиер Никола Груевски кој на задоволство на народот уште многу години ќе ја води државава, денеска во Охрид стави во употреба значаен инфраструктурен проект што го реализираше локалната власт.

За среќа на охриѓани и несреќа на СДСМ, Премиерот Груевски уште многу пати ќе доаѓа во Охрид да ја стави во употреба реконструираната улица „Питу Гули“ да го постави камен темелникот на затворениот зелен пазар, на современата автобуска станица, на затворениот пливачки базен.

И додека СДСМ очајнички се јадосува и во својствен стил негодува за секој проект кој е општокорисен и потребен за охриѓани, локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ за период од две години реализира вкупно 188 проекти.

Иако СДСМ – Охрид многу размислувала за она што се случува во градов, заборавила да помисли дека е реконструиран патот Елешец -Елшани, дека е изградена атмосферската канализација на улица „Ристо Чадо“ , а во тек е нејзина комплетна реконструкција. СДСМ заборавила да помисли дека нова атмосферска канализација се постави на трите улици: „ Сатеска“, „Трајче Трајчески“ и „Мича Гилиќ“ во населба Воска по што целосно ќе се реконструираат улиците. Од СДСМ не помислиле дека многу наскоро и тие ќе се движат по реконструираната улица „Питу Гули“, а веќе се рекреираат по модерната пешачка и велосипедска патека кај каналот Студенчишта.

При работната посетата во општина Охрид, Премиерот Груевски беше шокиран од финансиската дупка длабока над 50 милиони евра која СДСМ предводена од тогашниот градоначалник Александар Петрески и заменик градоначалникот Томислав Тунтев му ја оставија на Охрид.

И додека СДСМ многу размислувала заборавила да помисли на огромната, финансиска и инфраструктурна штета што им ја остави на Охрид и охриѓани. И наместо да се засрамат од своето штетно дело, од оваа партија очајнички „атакуваат“ по секој успешно реализиран општокорисен проект на ВМРО ДПМНЕ.

Во интерес на своите граѓани ВМРО- ДПМНЕ продолжува чесно и посветено да го гради и разубавува Охрид.“-стои во реакцијата.