Публиката на „Охридско лето“ не ги штедеше аплаузите за Дуке Бојаџиев

Блескав настап на познатиот македонски и светски композитор и пијанит Дуке Бојаџиев и совршен флуид помеѓу него и публиката понуди синоќа „Охридско лето“. На Антички театар се пееја „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Си заљубив едно моме“, „Не плачи мило либе, не жали“, но и нумерите од филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“ и композициите од последниот албун на Бојаџиев под наслов „Љубовта е патот“.

Дуке Бојаџиев со новиот проект „Сон, верба, љубов“ не само што ја воодушеви публиката , туку таа потпевнуваше заедно со ѕвездите на сцената на Антички и не ги штедеше аплаузите.

„Проектот „Сон, верба и љубов“ носи една порака, која во коренот е македонска и која јас и останатите уметници ја пренесуваме низ светот. Музика која имаме можност да ја презентираме тука во Охрид, и на огромно задоволство сето тоа да го крунисаме со концерт во „Карнеги хол“ во Њујорк на 8. октомври“, вели Бојаџиев.

Концертот го отвори младата охриѓанка Мартина Блажевска со која соработува овој македонски пијанист и композитор и која студира на Универзитетот „Беркли“ во САД. Дел од синоќешниот концерт беа кларинетистот Исмаил Лумановски, познатиот вокал Тања Царовска, перкусионистот Костас Анастасијадис, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг-квартетот на Владимир Крстев.

Концертот го следеше и покровителот на фестивалот „Охридско лето“, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, заедно со неговото семејство.