Преку проектот „Македонија вработува” досега ангажирани 4535 лица

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски и градоначалникот на Општина Вландово, Николче Чурлиновски, ја посетија приватната компанија “Дока Tекстил“ од Валандово, како успешен пример на компанија која ги има искористено поволностите на проектот „Македонија вработува”.

„Ова е еден позитивен и успешен пример за еднa македонска компанија која изминатите години ги користи можностите кои што ги нудиме преку мерките за вработување. Оваа компанија со годините се повеќе и повеќе се развива и го зголемува бројот на вработувања. Околу 10% од вработените се преку мерките за вработување кои што ги нуди Mинистерството за труд и социјална плитика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, односно околу 40 лица се вработени само преку “Македонија вработува”, што е уште еден показател за успешноста на мерките. Ги повикувам сите приватни компании да го следат овој пример, да помогнат во развојот на нашата држава преку напредокот на нивните компании и преку создавање и отворање на нови работни места” рече Спасов.

Спасов го најави новиот јавен повик за мерката Обука кај познат работодавач за 500 невработени лица. Како што појасни министерот, тоа е мерка која ќе им овозможи обука на 500 невработени лица за да се стекнат со вештини и знаење кај работодавачите коишто се побарувани од самите приватни компании.

„Оваа мерка носи поволности и за невработените лица коишто како што кажав може да се стекнат со вештини и знаења кои се бараат на пазарот на труд, и побрзо и полесно да стигнат до своето работно место. Од друга страна, пак, поволностите за приватните компани се да најдат соодветен кадар, да го обучат и понатаму ќе имаат можност и да ја искористат мерката “Македонија вработува”, односно да бидат ослободени од плаќање на социјални придонеси за секое вработено лице преку оваа мерка”, истакна Спасов.

За реализација на овие обуки за 500 невработени лица ќе се искористат околу 11 милиони денари, што се значителни финансиски средства и преку ова мерка се овозможува и олеснува патот на невработените лица побрзо да стигнат до посaкуваното вработување.

Oдговорајќи на новинарско прашање Министерот Спасов истакна дека за три и пол месеци преку проектот „Македонија вработува” се вработиле 4535 лица. Директорот на Агенција за вработување, Влатко Поповски истакна дека мерката Обука кај познат работодавач со текот на времето се прилагодува на потребите на работодавачите и во иднина ќе се направат уште повеќе прилагодувања со тоа што ќе се раздвојат полесните од потешките обуки, со тоа што обуките ќе траат и до 6 месеци зависно од тежината на обуката која што ја побарува работодавачот за работно место за кое што има потреба да вработи нови лица.

„Преку оваа мерка не само што ќе можат да се обучат туку ќе можат и да добијат ослободувања од пакетот Македонија вработува, од 3 до 5 години во зависност во која старосна група се односно дали припаѓаат на групата на ранливи категории ”– рече Поповски.

Сопственикот на компанијата “Дока Текстил”, Тони Пандев, изрази задоволство од проектот “Македонија вработува” оценувајќи го како позитивен и за компаниите и за невработените.